Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите и да не го дестабилизира регионот, велат од Стејт департментот – ММС
ММС

Објавено на: 04/2/21 3:09 PM

Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите и да не го дестабилизира регионот, велат од Стејт департментот

Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи во земјата, меѓу кои и македонската и да изнајде решение на отворените прашања со Северна Македонија, бидејќи блокадата на пристапувањето на соседот во ЕУ „ризикува дестабилизација во регионот“, изјавија денеска за МИА од американскиот Стејт департмент, а поврзано со најновиот извештај за состојбата на човековите права во соседната земја.

Годишниот извештајот за човековите права на Стејт департментот, објавен завчера, е продлабочен документ за состојбата со прекршувањето на човековите права во светот. Во извештајот за 2020 година е нотирано дека Софија продолжува да репресира поединци и групи од македонско потекло кои само сакаат слободно изразување и здружување, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На прашања од МИА зошто е тоа така и зошто, во дополнение на тоа, властите во Бугарија не ја признаваат македонската историја, идентитет и јазик и го блокираат пристапувањето на Северна Македоноја во ЕУ, високо официјално лице на Стејт департментот го изјави следното: „Ја охрабруваме Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи и да се придржува до своите меѓународни обврски за човекови права, како правото на слободно собирање“.

Оттаму го истакнуваат историската значење на Договорот од Преспа склучен меѓу Грција и Северна Македонија.

-Овој договор демонстрира дека земјите од Западен Балкан се способни да завршат сложени работи, да направат компромиси и да дојдат до решение. Ние сме сиурни дека Бугарија и Северна Македонија ќе го сторат истото со преговарање околу нивните билатерални прашања, но тоа да се издвои од процесот за пристапување (на Северна Макодонија) во ЕУ, нагласува високиот претставник на Стејт депарментот.

Како што е познато, лани Бугарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, со што ги запре пристапните преговори на нашата земја со ЕУ.

– Блокирањето на интегративниот пат на Северна Македонија кон ЕУ ризикува дестабилизација на нормалните блиски односи меѓу сојузниците од НАТО и може да го поткопа значајниот прогрес за продлабочување на регионалната соработка. Тоа би било загуба за секоја земја од јужна и централна Европа, посочија од Стејт департментот во одговорот за МИА.

Оттаму додаваат и дека САД се силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.

-Сметаме дека иднината на Западниот Балкан е директно поврзана со ЕУ. Процесот на проширување во регионот промовира долготраен мир, стабилност и просперитет, велат од Стејт департментот.

МИА