Македонија слави! Пандев и Елмас ја покорија Германија – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 10:14 PM

Македонија слави! Пандев и Елмас ја покорија Германија

Германија еден, Македонија два. Четирикратниот светски првак падна „на колена“ пред Пандев и Елмас во Дуизбург и ова не е показна вежба за некое утописко идно фудбалско време, ова е сега и ова е реалност.

Најголемата победа во историјата на македонскиот фудбал е испишана во малиот град на реките Рур и Рајна. Македонија против Грузија отиде на Европско првенство, Македонија против Германија влезе во вечноста на колективната меморија на играта.

Германија не само што беше резултатски поразена, Германија беше надиграна, нескромно или не во моменти на еуфорија – Германија беше понижена на домашен терен.

Избраниците на селекторот Ангеловски навистина „душа оставија на тревникот“. Храбро, бескомпромисно, без респект кон големината и името на опонентот. Македонија играше против приближно една милијарда евра вреден тим на пазарот, играше против светски ѕвезди, врвен тренер и арбитар кои претставуваше пречка плус, но и причина плус оваа победа да биде „послатка“ за нас пред малите екрани.

Стартувавме компактно, фокусирани на одбраната, чекајќи ја својата прилика од контра и полу-контра. Ретките шанси Германците во првиот дел, за чудо не успеаа да ги искористат, а непишаното правило и погодената пречка на Серж Гнабри овојпат се испиша во наша корист. Во длабокото судиско продолжение од првиот дел, Енис Барди одлично го пронајде Горан Пандев за водство од 0:1.

 

Второто полувреме не започна идеално за селекцијата на Македонија. Алиоски наивно наседна, а Сане „како погоден од снајпер“ одвај дочека да се најде на земјата. Рускиот судија досуди пенал кој мирно беше реализиран од играчот на Манчестер Сити, Илкај Гундоган. Промашувањето на Тимо Вернер во 80-тата минута, ги остави надежите за поволен резултат од тешкото гостување. Резултатот пристигна. Среќата ги следи храбрите, но и фудбалот не е во која секогаш победуваат Германците. Елмас во 85-тата минута го искористи додавањето на Адеми и ја протна топката во мрежата на Тер Штеген.

Танталови маки во судиското продолжение. Сергеј Карашев пронајде шест минути, како што пронајде и повод да не досуди очигледно играње со рака во својот шеснаесетник на поранешниот фудбалер на Ливерпул и пенал за Македонија, се играа осум поради судирот со глави помеѓу Ристовски и Емре Џан, но силната желба и непробојниот колективен бедем издржаа уште еднаш и испратија порака – Македонија неслучајно е на Европското првенство, Македонија ќе го напаѓа и Мундијалот во Катар.

Со оваа неверојатна победа против Германија, Пандев и момците се наоѓаат на второто место во групата Ј, освојувајќи шест поени во три одиграни мечеви и несреќен пораз од Романија во Букурешт.

 

 

Фото:

Тwitter /@BTSport

 

д.ј