Атикорупциска со Јавна опомена до претседавачот на делчевскиот Совет, Маневски тврди нема судир на интереси – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 6:41 PM

Атикорупциска со Јавна опомена до претседавачот на делчевскиот Совет, Маневски тврди нема судир на интереси

Функцијата во општинските совети е функција која што советниците не ја вршат професионално, тоа е функција за која немаат засновано работен однос. Тоа значи дека во никој случај не може да постои судир на интереси, бидејќи правото за работа, правото на адвокатура и правото на вршење на јана функција е право загарантирано со Уставот, реагира претседавачот на делчевскиот Совет Драги Маневски, адвокат по професија, на одлуката на Антикорупциска комисја за Јавна опомена, поради непостапување по одлука за неспоивост на неговата јавна и професионална функција.

Според образложението од ДСКС, станувало збор за предмет по кој што веќе е одлучувано.

„Донесовме одлука за постоење на судир на интереси за претседателот на делчевскиот Совет кој што истовремено е и адвокат. Постапивме по нашиот закон за отстранување на судир на интереси, поведовме постапка согласно член 77 и утврдивме состојбата на постоење на судир на интереси. Го известивме лицето за утврдување на состојбата и побаравме од него да ја отстрани. Судирот на интереси е во тоа  што по законот за адвокатура во член 24, адвокатот не може да врши адвокатска дејност, доколку е избран за вршење на јавна функција. Член на општински Совет а уште повеќе претседател на Советот е јавна функција и ние постапувајќи по тој редослед ја донесовме одлуката за судир на интереси. Посоченото лице постапи по нашето укажување, и доставено е до нас известување дека поднел до Адвокатската комора барање со образложение дека адвокатската функцијата ја става во мирување. Ние врз основа на таа информација донесовме одлука со која постапката е запрена. Но во февруари 2021 година поднесена е нова пријава од група граѓани каде се вели дека одлуката донесена од Антикорупциска е спротивна на реалната состојба, односно дека лицето се уште работи како адвокат. Значи лицето времено ја отстранило состојбата на судир на интереси, но продолжува да работи како адвокат и да остварува приходи од адвокатска дејности,“ образложи Ивановска.
Таа додава дека се обратиле до Адвокатската комора, од каде биле известени дека лицето навистина поднело барање до Адвокатската канцеларија за ставање во мирување на адвокатската дејност. Меѓутоа бидејќи документацијата била непотполна, немало докази за основата на барањето за мирување согласно законот за адвокатура како и дека немало платено такса на Адвокатската комора како и на Централниот регистар, до Маневски било доставено известување со барање да се средат споменатите недостатоци. До моментот на контактирање со Комората, тоа не било направено.
„Согласно утврдената состојба, според член 77, судирот на интереси не е отстранет и користејќи ги алатките кои законот ги ставил на располагање, кон лицето Драги Маневски се упатува Јавна опомена,“изјави Ивановска.


Маневски вели дека Антикорупциска погрешно ги толкува одредбите од Законот за адвокатура, конкретно член 24 како и членот 44 Законот за заштита од корупција , бидејќи тој оваа функција советник и претседавач не ја врши професионално, како што на пример е функцијата Градоначалник. За одлуката на Антикорупциска уште додава дека на решението за Јавна опомена, не му е дадена можност да даде свое образложение.
„На избраните и именуваните лица, чии функции се извршуваат професионално, работниот однос им мирува согласно со закон.“. Интенцијата на самата одредба од член 44 е да превенира потенцијален „судир на интерес“ во ситуации кога некој избран или именуван носител на јавна функција кој е професионално ангажиран во вршењето на таа функција, да не може во исто време да извршува професионално и друга дејност, бидејќи доаѓа до кумулирање на дејностите. Во конкретниот случај немаме таква ситуација, бидејќи јас професионално сум вработен во своја фирма- адвокат и од таму ги остварувам правата од работен однос по основ на плата и придонеси на плата, здравствено и социјално осигурување, а во Совет на општина Делчево не сум ангажиран професионално,“ образложи Маневски.
Тој додава дека не бил единствен општински советник, што работи како адвокат, и дека сите тие одлуки на Антикорупциска од страна на Управниот суд биле отфрлени, со образложение дека немало судир на интереси.

В.Кр