На два пункта во старата болница во Кавадарци денеска започна вакцинацијата за заштита од корона вирус, на лица постари од 77 години. На првиот ден за вакцинација закажани се 50 термини, а по 50 граѓани од оваа возрасна група ќе се вакцинираат и во наредните денови.
„За Кавадарци се планирани по 50 термини секој ден. Нашиот вакцинален пункт ќе работи секој работен ден од 8 до 17 часот. Граѓаните кои доаѓаат на вакцинација најпрво потпишуваат согласност, потоа ги прегледува лекар, а потоа им се дава вакцината“ рече директорот на кавадаречката болница д-р Диме Коцев.
Во првите два часа од започнувањето со имунизација беа вакцинирани петнаесетина граѓани и не се беа регистрирани никакви проблеми.
Ангел Данов