Законот за државјанство меѓу темите на средбата на Заев со АА и Алтернатива – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 7:38 AM

Законот за државјанство меѓу темите на средбата на Заев со АА и Алтернатива

За денеска во 10 часот е закажана средба на премиерот Зоран Заев со претставници на Алијансата за Албанците и Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.
Средбата, според Заев, е на барања на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда, а поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА.
– Нека дојде и Левица ако мислат дека треба да бидат присутни. Јас ќе бидам присутен со министерот за внатрешни работи и за правда за да изнајдеме решение се со цел власта да покаже доблест и разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рационални, изјави Заев во понеделникот.
Според Заев, треба да се најдат трајни одржливи решенија коишто нема да предизвикуваат проблем на они коишто немаат државјанства.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши вчера на заедничка прес-конференција со првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека до тој момент не добиле покана за средбата што ја најави премиерот.
Меѓутоа, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари најави дека е можно оваа партија да не присуствува на средбата што ја најави премиерот Заев.
– Се сомневам дали ќе седиме и не знаеме дали треба да седиме со нив на маса. Но, повторно има партиски тела кои денеска ќе одлучуваат. Имаме сериозни дилеми дали вреди да седнеме со личност која ја менува изјавата пет пати на ден. Човекот не е сериозен и тешко е да се најде заедничко решение со него. Тоа што го ветува денес, утре не го исполнува, изјави вчера Таравари, кој е и градоначалник на Гостивар.
Од друга страна, лидерот на Левица, Димитар Апасиев изјави дека доколку добијат покана за учество на средбата, ќе ја прифатат под услов таа да се одржи во Собранието. Според него, институциите се тие каде што треба да се решаваат политичките кризи, а не како што беше досега шетање по викендици и вили.
– Сметаме дека тука треба да се решаваат споровите. Веќе покажавме дека имаме капацитет со деблокирањето на Собранието и без помош на странци да ги решаваме политичките кризи. Мислам дека во таа насока ќе продолжи утрешната средба. Доколку добиеме покана, ќе ја прифатиме под тој услов. Се уште немаме добиено официјална покана, рече Апесиев на прес-конференција во Собранието.
Апасиев истакна дека нивниот став за Законот за државјанство останува ист дека нема да го поддржат во таква формата во која што ја предлагаат Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Претседателот Стево Пендаровски вчера по седницата на Советот за безбедност изјави дека очекува на средбата да биде постигнат компромис.
– Не е добро заради еден политички предлог на опозицијата Парламентот да биде комплетно парализиран, но не е добро да немаме решение и за реалните проблеми на нашите граѓани кои со години живеат тука, а не можат да го регулираат својот престој и да ги остваруваат своите права сосема небитно колку луѓе спаѓаат во таа категорија, истакна претседателот Пендаровски.