Британската опозиција ја обвини власта дека не ги зема како сериозни тврдењата за половите напади во училиштата – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/21 9:24 PM

Британската опозиција ја обвини власта дека не ги зема како сериозни тврдењата за половите напади во училиштата

Додека во Англија предизвикува реакции веб-страницата на која учениците ги пријавуваат доживеаните „сексуално вознемирување и напад“, опозицијата ја обвини Владата дека не ги сфаќа сериозно обвинувањата за сексуално вознемирување во училиштата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Приближно 6.000 ученици, чии имиња се чуваат во тајност, на веб-страницата „Everyone’s Invited“ ги раскажаа доживеаните сексуални напади и малтретирања во училиштата.

Повеќето од жртвите, меѓу кои и едно 9-годишно дете, пријавиле дека биле сексуално нападнати од нивните соученици или лица со кои го делат истиот социјален круг.

Сома Сара, основач на „Everyone’s Invited“, во изјавата за британските медиуми истакна дека минатата недела имало значително зголемување на бројот на објави и дека во тие објави почнале често да се споменуваат имињата на јавните училишта и универзитети.

Сара истакна дека објавите за сексуалните напади на момчињата и девојчињата укажуваат на важен проблем во земјата.

За „Тајмс радио“ (Times Radio) зборуваше Џес Филипс, министерката за семејство во сенка од Лабуристичката партија. Филипс, изјавувајќи дека сексуалното насилство е честа појава во училиштата, рече дека Владата треба да поведе истрага за тоа и истакна дека станала задолжителна потребата од воведување закон за спречување на сексуалното насилство во училиштата.

Филипс вчера за „Ај-ти-ви“ (ITV) коментираше дека во земјата се игнорираат настаните на сексуално насилство од страна на истакнатите личности, а државата и Владата не ги сфаќаат сериозно ваквите случаи.

Истакнувајќи дека поплаките на интернет-страницата не ја шокирале, Филипс рече дека извештаите во кои се откриваат ваквите инциденти биле пријавени во Владата пред 4 години, но дека Владата не презела никакви мерки и покрај тоа што податоците покажуваат дека жртва на злоупотреба во училиштата биле една третина од лицата на возраст од 16 до 18 години и две третини од лицата на возраст од 13 до 21 година.

„Ќе се обезбеди поддршка и советување за оние што пријавуваат случаи на полово вознемирување и напад“

Британската полиција, која упати повик до жртвите да се пријават на линијата за жалби и помош што Министерството за образование ќе ја отвори следната недела, објави дека поплаките објавени на веб-страницата „Everyone’s Invited“ се разгледуваат една по една и дека започнале да контактираат со именуваните училишта.

Еден од портпаролите на британското Министерство за образование, кој зборуваше по ова прашање за британските медиуми, изјави дека поплаките се „шокантни“, а дека претставниците на Министерството за образование и Министерството за внатрешни работи се во контакт со официјалните лица на интернет-страницата „Everyone’s Invited“, додавајќи дека ќе им обезбедат поддршка и консултации на оние што пријавиле случаи на полово вознемирување и напади.

Зборувајќи за „Би-би-си“, Сајмон Бејли, член на Советот на началници во британската полиција, изјави дека влијанието на поплаките за вознемирување и злоупотреба во училиштата може да биде поголемо од претходниот „скандал со злоупотреба во фудбалот“.

Изјавувајќи дека семејствата имаат голема одговорност во обезбедувањето здрави односи на децата, Бејли рече дека ќе се борат со културата што толерира мизогинија (омраза или предрасуда кон женскиот пол), сексуално вознемирување и напади во образовните институции.