Во текот на денешниот ден, од отворањето на пунктовите за вакцинација па се до 15 часот вакцинирани се вкупно 1.530 стопанственици од регионот, од кои приближно 900-тини се од Македонија, информираат од Стопанската комора на Македонија.
Поради зголемениот број на лица дојдени за вакцинирање пред спортската сала во Ниш, Република Србија, кои не биле пријавени за вакцинација, дојде до одреден застој кој резултираше со пролонгирање на договорените термини од околу 2 часа.
Тимовите на Стопанската комора на Северна Македонија кои се распоредени во спортската сала „Чаир“ во Ниш, заедно со колегите од Стопанската комора на Србија и полициските служби на Република Србија, ги презедоа сите потребни активности и во моментов процесот продолжува да тече непречено.
И покрај поголемиот прилив, процесот на вакцинација ќе се реализира согласно планираното, доколку е потребно и до 22 часот, со цел сите регистрирани стопанственици да бидат имунизирани, додаваат од СКМ.
Како што соопштија од Стопанската комора на Србија (ПКС) вработените во повеќе од 1.500 компании од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово за време на викендот добија вакцини против КОВИД 19 во Белград и Ниш.
„ Акцијата за имунизација на бизнисмените од регионот беше организирана од Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а 10.000 вакцини беа обезбедени од Стопанската комора на Србија заедно со Владата на Србија. Пунктови за вакцинација за бизнисмени беа организирани во Белград и Ниш. По новите пријави поради големиот интерес за вакцинација преку стопанските комори, се пријавија вкупно околу 8.500 вработени од регионот, соопштија од ПКС.
Од над 1700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработените од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп.
В.Кр