Вакцинален Мини-Шенген за земјите од Западен Балкан, се вакцинираат стопанствениците – ММС
ММС

Објавено на: 03/28/21 10:24 AM

Вакцинален Мини-Шенген за земјите од Западен Балкан, се вакцинираат стопанствениците

Во тек е вториот ден од акцијата за имунизација на македонските стопанственици, што ја организира Стопанската комора на Северна Македонија.
„Според информациите на нашите дежурните екипи на граничниот премин Табановце, протокот на возила се одвива со континуирана динамика преку 6 коловозни ленти, а процесот на вакцинација во Ниш е започнат навремено. За стопанствениците пријавени преку Стопанската комора на Северна Македонија, а во организација и со поддршка на Стопанската комора на Србија и колегите во Регионалната комора во Ниш, процесот се одвива на посебно договорени пунктови, без застој, соопштија од Стопанската комора.
Се вакцинираат вработени од Комората, како и вработени од компаниите членки на Комората чии работни места се од висок ризик од пандемијата и единствено на овој начин ќе продолжат да го задржат нивото на економска активност и да ѝ помогнат на државата и економијата во борбата против пандемијата, додаваат од Комората.

За два дена, викендов, ќе бидат вакцинирани вкупно 7.500 лица, сопственици и вработени во фирми од од бизнис секторот на  Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Албанија.

За Македонија се одвоени 1.650, колку и за Босна и Херцеговина, додека од Република Албанија, преку оваа акција, ќе се вакцинираат 1.500 бизнисмени.

Претходно, во Подгорица, Црна Гора, Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), одржа седница, на која е договорено, вакциналните пунктови во Србија, таму да ги организира Стопанската комора на Србија. Главно во Белград за останатите земји, додека за бизнис заедницата од Македонија, во НИШ.

Вакцините се обезбедени преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој делува од 2015 година, со седиште во Трст, под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, а во рамките на Берлинскиот процес.

КИФ делува после Вториот самит на Процесот, во Виена, и претставува глас на приватниот сектор, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан.

фото-стопанска комора