На цветот на црешата (сакура) јапонските уметници му посветија илјадници стихови и слики, а во негова чест се организираат низа пролетни фестивали. Станува збор за еден од важните симболи на јапонската култура, пишува Агенција Анадолија (АА).
И покрај воведените мерки против ширењето на коронавирусот, граѓаните ги преплавија парковите за да го видат цветот што се отвора кон крајот на март и почетокот на април. Улиците на Токио веќе добија прекрасни бои.
Набљудувањето на цветот од црешата е јапонски обичај кој вклучува луѓе од сите генерации. Секоја година, голем број домашни и странски туристи го поминуваат поголемиот дел од времето во парковите обидувајќи се да направат најубави фотографии од цутот на дрвјата на црешата, што е предвесник на пролетта и симбол за совршена убавина во земјата на изгрејсонцето.
Ритуалот вклучува и пеење посебни песни, како и уживање во традиционалните гастрономски специјалитети.
Меѓутоа, оваа година ситуацијата е нешто поинаква поради коронавирусот и мерките што се воведуваат во целиот свет за сузбивање на неговото ширење. Во Јапонија регистриран е помал број на заразени лица, но се чувствува влијанието на Ковид-19.
Вонредната состојба, што беше на сила во различни региони на земјата во периодот од јануари до март, целосно заврши на почетокот на неделата.
Сепак, властите ги предупредија граѓаните да нема активности ниту настани во парковите каде што се наоѓаат дрвјата сакура.
Искористувајќи го завршувањето на вонредната состојба, Јапонците не се откажаа од својата традиција и отидоа да ги видат расцветаните дрвја.