На УГД Штип во лабороторија ќе се анализираат и лоцираат загадувачите на воздух во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/21 10:42 AM

На УГД Штип во лабороторија ќе се анализираат и лоцираат загадувачите на воздух во Скопје

На штипскиот Универзитет ,,Гоце Делчев“, врз база на веродостојни и научно базирани информации ќе се утврдуваат и лоцираат загадувачите на воздухот во Скопје. Тие во лабораторијата на Универзитетот ќе се анализираат од податоците кои што ќе се собираат од мерните станици во Лисиче и Карпош. Овие податоци  потоа ќе се користат за да се креираат соодветни политики и ефикасни мерки во справувањето проблемот на загаден воздух.

Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА) за таа цел финансираше во високотехнолошка опрема , во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“.Проектот се спроведува во рамките на  Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.

Со овој проект ќе добиеме научни податоци за аерозагадувањето за кое, зборуваме со децении, а нема едноставно решение, смета Министерот за животна средина Насер Нуредини, кој во УГД присуствуваше на промовирањето на новата опрема.

„ Ова е пилот-проект кој се имплементира во Скопје, но ја засега целата држава. Владата ги обврза сите државни институции, локални самоуправи, министерства… да направат список на сите јавни објекти и начинот на кој се загреваат. Сакаме да бидеме пример за промена на начинот за загревање на објектите, а потоа во тоа да ги поддржиме граѓаните, истакна Нуредини.

Загадувањето на воздухот е голем штетник на здравјето на луѓето. Околу 19 градови во Западен Балкан имаат повисок процент на загадување од поставените стандарди на Европската Унија. За Шведска е важно да ви помогне во овој проблем. Ги следиме напорите што ги прави вашата земја и ја поддржуваме за поглавјето за животна средина 27, кое е обемно и скапо за имплементирање, изјави амбасадорката ан Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон по посетата на лабораторијата на УГД Штип.

Одговорноста за загадувањето е заедничка – важно е сите граѓани да бидат одговорни, да се грижат за отпадоците, пластиката.., децата да се едуцираат  и е многу важно, рече, да се подигне јавната свест и да се вклучат и научните установи и граѓанските организации со нивната експертиза“, изјави Амбасадорката.

„Штипскиот универзитет е најпрогресивната научна установа во земјава што може да се занимава со прашања од оваа проблематика“, истакна ректорот на УГД, Блажо Боев кој потенцира дека е почестен што овој проект е доверен на нивната установа која што е опремена со модерна технологија.

Според претставничката на Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП) Нарине Сахикјан  решавањето на проблемот со аерозагадувањето бара интердицсиплинарен и интерсекторски пристап и затоа проектот што се спроведува е сеопфатен и  се вклучени и Министетството за животна средина, бизнис-секторот, академската заедница.

„На Универзитетот „Гоце Делчев“ се прави анализа на примероците од мониторинг-станиците во Лисиче и Карпош во Скопје, за да се добијат повеќе детали за можните извори на загадувањето. Важно е да се добијат веродостојни податоци кои потоа ќе и помогнат на Владата да донесе вистински мерки и политики за справување со овој проблем,“ истакна Сахикјан.

Во рамки на овој проект ќе им се помогне и на 160 домаќинства во Лисиче да го променат начинот на загревање на нивните домови со модерен. Посочи дека веќе се избрани 60 домаќинства. Повикот е отворен до 5 април, ќе бидат избрани уште сто домаќинства  и ќе се поддржат оние што се социоекономски најранливи.

Министерот Нуредини, потенцира дека Министерството за животна средина има стратегија и програма за решавање на проблемот со загадениот воздух  и дека соработува со Министертствата за економија и за транспорт и врски во инвестирање за инсталација на гасоводот во земјава. Министерството за економија нуди субвенции за промена на начинот на греење на домовите, а Министерството за финансии обезбедило кредит од 25 милиони евра за енергетска ефикасност.

В.Кр