Илхан Ќучук, бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, денеска на прес-конференцијата по повод извештаите на Европската комисија за државава, истакна дека Македонија има постигнато значителен напредок во борбата против корупцијата, организираниот криминал и владеењето на правото и порача дека треба да продолжи да се движи по тој пат.
Ќучук потенцира дека сега е време Европската Унија да донесе одлуки и акции.
– Сакам да се осврнам на мојот извештај. Несомнено испративме силен сигнал до С Македонија дека им требаат проевропски реформи и сведоци сме на обиди на владата и опозицијата да работат заедно на конструктивен начин. Ги повикувам и во иднина да продолжат со нивниот силен ангажман кога станува збор за европската агенда, затоа што процесот на проширување не се однесува само на тоа кој е во владата, туку тука специфична, критична улога играат и опозициските партии, рече Ќучук.
Тој директна порака испрати и до граѓанското општество, да ги повикаат на одговорност политичарите и носителите на одлуки затоа што тоа е важно за демократијата.
Во однос на билатералните прашања, Ќучук истакна дека тие не се дел од преговарачката рамка, но кога две земји имаат добра соработка треба да најдат начин и заеднички решенија за историјата и за минатото.
Според него двете земји мора да работат на тоа да идните генерации бидат сигурни во Европската Унија, а само со дијалог може да се постигне просперитет на земјата.