Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето пред европратениците на почетокот на дебатата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западниот Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули.
Вархеји го пофали Извештајот за наредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ на известувачот Илхан Ќучук и оцени дека тој се совпаѓа со наодите на Европската Комисија.
– Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ, изјави Вархеји.
Тој оцени дека, сепак, Северна Македонија има уште „многу работа” во делот на реформите.
– Одлуката на земјите членки на ЕУ да отворат преговори со Северна Македонија беше историска, и со нетрпение очекуваме да се усвои преговарачката рамка и да се свика првата меѓувладина конференција, се надевам сѐ уште за време на ова претседателство, рече Вархеји.
Неколку пратенички групи поднесоа посебен Амандман на извештајот за земјава за поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и критики за провокативните изјави на Софија, но засега е нејасно дали тој ќе добие поддршка.
Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европартеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија” и ќе и се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција.
– Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат, изјави Ќучук.
Извор:
mia.mk