Несоницата го зголемува ризикот од зараза со коронавирусот, односно од развивање потешки симптоми на ковид-19, со што би било потребно време да се дојде до опоравување од болеста – покажува една нова студија.
Имено, истражувањето покажува дека секој дополнителен час сон ја намалува шансата за зараза за 12 проценти. Мина Рајпут Реј, која учествувала во истражувањето, истакнува дека оваа студија всушност ја нагласува важноста на квалитетниот сон. Во студијата учествувале речиси 3000 луѓе од Франција, Германија, Шпанија, Велика Британија и САД. Меѓу нив имало 568 кои заболеле од ковид-19. Истражувачите собрале податоци за нивниот начин на живот, за здравјето и земањето лекови. Исто така, тие барале и податоци од испитаниците во врска со тоа колку спиеле во текот на претходната година. Со ова, истражувачите дошле до податоци за тоа дали учесниците имале проблеми со спиењето и колку биле изложени на вирусот на своето работно место.
Студијата открива дека повеќето испитаници спиеле помалку од седум часа, а откако ги зеле предвид факторите кои би можеле да влијаат на инфекцијата, истражувачите откриле дека секој дополнителен час спиење во текот на ноќта го намалува ризикот од зараза за 12%. Во споредба со испитаниците кои немале проблеми, оние кои имале потешкотии во врска со спиењето или земале таблети за спиење имале за 88% поголема шанса да се заразат со коронавирусот. Истражувачите откриле дека речиси секое четврто лице заболено од ковид-19 има потешкотии со спиењето.
Синдромот на „прегорување“ или burnout исто така е поврзан со поголем ризик од зараза со коронавирусот. Испитаниците кои го имале ваквиот синдром имале речиси двојно поголем ризик од зараза. Покрај ова, ваквите пациенти имале потреба од повеќе време за да се опорават, односно тие генерално имале потежок облик на ковид-19.
Некои претходни истражувања покажаа дека луѓето кои имаат потешкотии со спиењето или оние кои спијат помалку од пет-шест часа во многу поголема мера имаат респираторна болест. Моника Хак, психоневроимунолог од Харвард вели дека мнгу докази суерираат оти доволното спиење помага во превенцијата и борбата со разни видови инфекции. Треба да се напомене сепак, дека сонот не е единствениот фактор кој влијае на ризикот од зараза со коронавирусот – пишува Форбс. Вежбањето, високото ниво на стрес, пушењето цигари и конзумирањето алкхол се исто така фактори кои влијаат на ризикот.
Извор: hr.n1info.com