Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, јавно побара од претседателот на Собранието Талат Џафери, за утре да закаже собраниска седница на чиј дневен ред ќе се најдат четирите закони за кои вели дека се од интерес на граѓаните, стопанството и се поврзани со кризната состојба.
„Барам од Собранието на утрешната седница каде и така има предвидено пратенички прашања, пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони. Поточно: Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради корона вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход. “ – објави Мицкоски, потенцирајќи дека иако сметаат оти поддршката од Владата е недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на неговата партија.
Претседателот на Собранието пред два дена ја откажа собраниската седница предвидена за вчера, бидејќи како што рече Собранието поради изолираните пратеници нема кворум да гласа за законите, а опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба за да му поставува ултиматуми кои тој рече дека нема да ги прифати.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Џафери, условиле дека ќе направат кворум, но само доколку од вчерашните 30 точки кои требаше да се најдат на дневен ред, останат само точките еден, девет, 10 и 11, а другите целосно да се тргнат.
„Прво тоа е процедурално невозможно, затоа што седницата која е свикана е свикана со точките на дневен ред кои се со решението за свикување и со решението за дополна на листата и укажав дека нема да дозволам да воспоставувам пракси кои во иднина ќе бидат правило за нови условувања, па ја прекинав координацијата“ – рече Џафери на прес-конференцијата, апелирајќи до пратениците да се вратат на работа, да ги засукаат ракавите и да го работат она за кое се платени.