Тотенхем за Герет Бејл е само „попатна станица“ во пресрет на Европското првенство – ММС
ММС

Објавено на: 03/23/21 3:24 PM

Тотенхем за Герет Бејл е само „попатна станица“ во пресрет на Европското првенство

Агонијата на Герет Бејл во последните неколку години во Реал Мадрид, минатото лето беше прекината откако велшкиот напаѓач како позајмен фудбалер се врати во Тотенхем.

По враќањето во Премиер Лигата, Бејл повторно имаше проблем со повреди и влегување во компетитивна форма достојна за темпото кое најдобрата лига од коло во коло го наметнува. Сепак, во последниот месец и половина, некогашниот младинец на Саутемптон ја врати привремено формата и стигна до завидна бројка од десет погодоци во сите конкуренции.

Интернационалната пауза, покрај „досадните“ репрезентивни дуели за одреден дел од фудбалската јавност, честопати знае да биде искористена и за добар разговор и интервју со медиумите, од кој подоцна може да се „разниша тлото“ и да предизвика дополнителни главоболки за тренерите на клубовите.

Триесет и едногодишното крило изјави дека следната сезона планира да се врати во Реал Мадрид, додека пак враќањето во „својот“ Тотенхем за него во оваа фаза претставувала само прилика за темпирање на форма и добивање минути на зелениот терен.

-Главната причина за моето доаѓање во Спарс оваа сезона е играњето фудбал, првенствено. Со оглед на тоа дека ќе одам на Европскоот првенство со Велс, сакав да бидам меч-фит. Оригиналниот план е да одиграм една сезона во Тотенхем и после Еуро да го обработам договорот со Реал, изјави Герет Бејл за „BBC Sport“.

Договорот на велшкиот капитен во Реал Мадрид му истекува во јуни 2022 година.

Фото:

skysports.com