Епидемиологот и член на српскиот Кризен штаб, Предраг Кон, изјави дека моментално најзагрозен е здравствениот систем, а не угостителите и оти ставот на медицинскиот дел на штабот е дека треба да се спречат сите контакти и дека одлуката за повторно отварање е донесена по „економски диктат“.
Кон истакнува дека пет дена целосна затвореност не е доволна и дека отварањето на сите објекти, освен трговските центри и угостителските објекти, не го спречува циркулирањето на вирусот.
Србија инаку вчера по петдневно затварање, ги отвори фризерските центри, теретаните, спортските сали и шалтерската услуга за храна и пијалоци.
За ТВ Пинк епидемиологот вели дека активноста на вирусот може да се стабилизира само доколку се почитуваат пропишаните мерки – девет метри квадратни дистанца, а во фитнес и спа центрите 16 квадратни метри.
„Треба да се сфати дека доколку само еден сегмент од општеството е најзагрозен, тогаш треба да се најде начин да им се помогне. Моментално најзагрозен е здравствениот систем. Угостителите се финансиски загрозени и во смисла на опстанувањето, но на раб на опстанок е и здравствениот систем“ – нагласува Кон.
Тој вели дека угостителските објекти, особено кафулињата и рестораните се главните места каде не се почитуваат мерките и дека докажано се најчестите места за заразување.
Во врска со олабавувањето на мерките за угостителите, Кон вели дека во перспектива реално барање би можело да биде само она за отварање на надворешните делови.
„Не ја шират заразата угостителите, туку објектите во кои се собираат голем број на луѓе и каде се пее, а пеењето е значаен фактор за ширење на заразата затоа што капките паѓаат и до 12 метри и тоа е докажано“ – вели епидемиологот, додаваќи дека прашањето за отварањето на летните тераси може да дојде на ред само кога ќе почнат да опаѓаат бројките.
Смета дека отпорот кој постои меѓу угостителите е нормална работа и дека државата мора да има слух, но и да го истрпи притисокот.
„Се обидуваме да балансираме, но повеќе од ова не можеме и за ова што досега го попуштивме здравствените работници велат дека е циркус“ – коментира Кон.
Коментирајќи го собирањето околу споменикот на Стефан Немања и играњето оро, тој вели дека не го доживува настанот толку трагично поради очигледната потреба за нормален живот, но е на став дека тоа е многу навредливо за здравствените работници.