Се уште е неизвесно дали и кога Косово целосно ќе ја повлече одлуката за зголемените царини на земјоделските производи.
Утре, косовската Влада треба да одржи седница на која ќе се разгледаат аргументите што во петокот министерот за економија Крешник Бектеши му ги пренесе на косовскиот колега Бајрам Хасани.
Бектеши на состанокот со Хасани во Приштина ги предочи штетите од косовската времена мерка и изрази надеж дека во најсокоро време Македонија и Косово ќе ја продолжат досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни.
– Ќе го почекаме исходот од утрешната седница на Владата на Косово, е денешниот кус одговор од Министерството за економија на прашањето на МИА во врска со натамошните чекори што земјава планира да ги преземе околу зголемените царини.
И Министерството за земјоделство се повикува на утрешната владина седница на Косово.
Македонските стопанственици и производители остануваат на ставот дека одлуката на Косово треба што поскоро да се повлече зашто штетите се големи, а Македонија да не воведува контра мерки.
– Македонската Влада можеби треба да размислува за заштита на домашното производство особено во периодот мај-јуни кога продукцијата на нашите градинарски производи е најголема. Тогаш да се блокират границите за увозниците, вели Ристо Велков од Сојуз-синдикат на земјоделски производители во Струмичко.
Според извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија Дрилон Исени, штетите во извозот и натаму се бројат, нема промени во ставот на Комората дека Косово мора да ја преиспита одлуката и да се најде заедничко прифатливо решение.
Извор:МИА