Сопственикот на „Дурмо Турс“ смета дека само возачот ја знае вистината за несреќата кај „Ласкарци“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/23/21 11:19 AM

Сопственикот на „Дурмо Турс“ смета дека само возачот ја знае вистината за несреќата кај „Ласкарци“

Сите поправки на автобусите на Дурмо Турс се вршеле во сервисот на станицата, каде за секое возило имало тетратка. Одговорно лице на сервисната гаража бил Ремзи Мифтари, но, тој не би можел да знае што е со некое возило, ако тоа не го пријави возачот. Секој професионален возач, бил должен да го провери возилото пред пат, изјави првообвинетиот Дурмиш Белули, на денешното рочиште за случајот Ласкарци.

Во своја одбрана, сопственикот на „Дурмо Турс“ Белули рече, дека на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа и дека за тоа не се чувствува виновен.

– Јас жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам единствениот учесник во сообраќајната несреќа – возачот Мануел Трифуновски да каже што се случило. Без оглед кој ќе одговара, да каже. Само тој ја знае вистината, другото се претпоставки, изјави Белули.

Тој посочи дека станицата за технички преглед функционирала исто како и сите други, дека имала две линии, една за патнички и една за автобуси и во неа работеле 15 лица, меѓу кои стручни лица контролори и машински инженери.

– Во ниту еден случај не сум вршел притисок, или контролорите би паднале под нечие влијане да внесат неточни информации, изјави Белули, одговарајќи на прашање дали влијаел на техничките и стручни лица при вршење на техничкиот преглед.

Во својата одбрана, Белули рече дека никогаш не се штедело на делови, масло или друго во Дурмо Турс.

Во однос на обвинението за манипулаторот на брзина, Белули рече дека воопшто не знаел дека во автовусот има манипулатор и дека од тоа Дурмо имам само штета.

–  Од тоа Дурмо Турс може да има само штета, а корист само возачот. Откако дознав јас сфатив дека од тоа Дурмо Турс има само штета, од побрзо абење на гумите, трошење гориво и други делови, изјави Белули.

Следното рочиште е закажано за 20 април.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

 

МИА