Партијата ТВОЈА преку соопштение до јавноста реагираше до Владата зошто нашата земја не била влезена во распределбата на Фајзер вакцините за првото тримесечје преку Ковакс/Гави системот за доделување за кој требало да се аплицира најдоцна до 18 јануари 2021 година.
“За Босна и Херцеговина преку истиот систем за првото тримесечје се доделени 23.400 вакцини на Фазјер. Потсетуваме дека Covax/Gavi е транспарентен систем. Одговорот за причината поради која не сме влезени во глобалната распределба преку Covax/Gavi системот на 1.200.000 Pfizer вакцини за првото тромесечје е јавна информација и бараме истата јавно да биде обелоденета“, прашаа од партијата ТВОЈА.
Министерството за здравство за ММС потврди дека Македонија аплицирала на време во овој систем, исполнувајќи ги сите барања и рокови, но Ковакс системот самостојно вршел анализа и правел план за прераспределба на вакцините.
“Според нивните проценки на епидемиолошката ситуација, нашата држава е под прагот на итност поради нискиот број на новодијагностицирани и хоспитализирани, па така не сме влезени во првиот бран на испорака на Фајзер вакцините.
Доказ за навремената апликација на нашата земја е и пораката на регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге кој истакна дека Република Северна Македонија освен што ги нарачала вакцините преку КОВАКС механизмот, исто така ги завршила и сите финансиски и административни процедури.
Министерството за здравство останува транспарентно во процесот на комуникација со сите платформи/производители преку кои очекуваме да добиеме вакцини“, стои во одговорот од Министерството за здравство.
Орце Костов