Модерната технологија го попречува писменото изразување на децата: Со м-р Светлана Трнинкова за дисграфија и како да се справите со неа – ММС
ММС

Објавено на: 03/25/21 11:24 AM

Модерната технологија го попречува писменото изразување на децата: Со м-р Светлана Трнинкова за дисграфија и како да се справите со неа

Интензивната употреба на технологијата наметната од современото секојдневие, го попречува созревањето на фината моторика кај децата. Нивното пишување станува тешко читливо и тоа доведува до појавата позната како дисграфија. Сепак, родителите стануваат се поедуцирани на оваа тема, а тоа си го направи своето. Тие се охрабруваат да побараат помош и совет од стручните лица како што се логопедите, дефектолозите и психолозите, па благодарение на тоа и нема некои поголеми последици врз детското ментално здравје. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува Светлана Трнинкова, дефектолог специјален едукатор рехабилитатор во ООУ „Ванчо Прке“ – Штип и мастер логопед.

Со Трнинкова разговараме за тоа како се манифестира дисграфијата, каква е улогата на логопедите во справувањето со оваа појава и што може да направат родителите за да им помогнат на децата полесно да ги изразуваат своите мисли и емоции преку пишаниот збор.

Каква е улогата на логопедот во детскиот развој и како родителите да проценат дека е време да побараат помош од логопед?

-Улогата на логопедот во раниот детски развој, следењето од негова страна треба да е во корелација со матичните педијатри. Како клучен фактор за посета на логопед е кога со навршена трета година детето на зборува или има многу сиромашен речник, претежно именка и по некој глагол. Кога на едноставни наредби од страна на родителот не извршува одредени активности како „дај, донеси“! Кога ќе се повика детето со неговото име тоа не се врти и не реагира, кога испушта крици и некои стереотипни и повторувачки движења на телотото-одење на прсти, мавтање со рацете, вртење во круг околу својата оска. Кога реагира на секакава промена на предметите, не сака да се разместуваат и кога има еден подолг ритуал пред накаде да оде или да се шета.

Пример имавме ученик кој пред да замине од училишната просторија на прсти ќе завртеше три круга, ќе фатеше некое дете или наставник за косата и после на прсти одеше дома. Ова се некои примарни развојни промени во психомоторниот развој.

Логопед се консултира и кога едно дете кое било со нормален развој, нормално развиен говор, ќе доживее некоја траума на мозокот со мозочно крварење. Таквата сосотојба доведува на почеток до глобална афазија, губиток на веќе стекнатата способност за говор. За сета среќа знаејќи дека пластичноста на мозокот до седмата година во животот е голема има надеж дека целокупната здравствена состојба на детето ќе се нормализира. Логопедот е потребен и во корекција на голтањето-дисфагиите кои се пропратна клиничка слика на детските афазии.

Дали логопедот работи на само со детето, или за време на вежбите се работи заеднички со детето и со родителите?

-Пожелно е децата да се сами за време на вежбите, но на крај се повикува родителот, му се објаснува и му се даваат напаствија за тоа како семејството да вежба дома со детето за да биде успехот поголем.

Еден од проблемите на чие справување работат логопедите е и дисграфијата, како состојба која предизвикува проблеми со писменото изразување. Според Вас, кои се најчестите симптоми за оваа состојба, односно како вообичаено се препознава?

-Правилното дефинирање на дисгфагијата е дека е потешкотија во задржување на линеацијата на реченицата, преминување на една реченица и во три реда во косина нагоре или надолу. Неправилно обликување и запишување на буквите. Имаме додавање, испуштање, заменување на буквите, едни на косо, други на лево, едни на десно, едни поголеми други помали во еден збор. Но овие деца и покрај овие проблеми имаат нормална интелигенција. За да кажеме дека детето има дисграфија мора да се следи се’ до второ одделение.

Што покажува Вашето искуство, дали и какво влијание има зачестеното користење технологија од страна на децата врз нивната способност писмено да се изразат?

-За потребите на многу симпозимуми и семинари, вклучувајќи го и мината година Симпозиумот на логопедите на ниво на Балканските држави сум вршела повеќе тестирања и проценка на зрелост на ракописите со соодветни тестови и сум дошла до заклучок дека многу е застапена формата на Графомоторна  дисграфија, дијагностицирана и дефинирана како облик од проф. д-р Светомир Бојанин. Во оваа дисграфија, семантички и содржински постојат сите графеми за сите фонеми, но ракописот не е читлив. Се забележува губење на линеацијата во косина и излегување од редот при пишување на речениците. Едни букви за задебелени, а едни едвај се гледаат. Некаде од притискање има и продупчување на листот. Едни букви поголеми, други помали во еден збор или реченица. Едни закосени на лево, едни на десно. Ова е последица на несозреана фина моторика на прстите и дланките.

Несозреаната фина моторика е резултат на многу малку манипулативни активности со рацете и мускулатурата останува непрецизна и несозреана. Еден од факторите за несозреана фина моторика е и токму предолгото седење со часови и денови пред телефоните и компјутерите.

Како се одразува актуелниот, онлајн начин на изведување на наставата поради кој децата трошат значително повеќе време пред технолошките средства за комуникација? Дали ова се одразува на нивната креативност во однос на изразувањето?

-Како опција во оваа глобална пандемија, онлајн наставата беше неминовна  и потребна. За талентирани и надарени деца како опција е добра, тие се надградуваат. Но секако треба да се води грижа за физичката активност на децата и прошетки. Добро е што учениците до трето одделение се со физичко присуство. Онлајн наставата за децата со потешкотии бара многу повеќе следење и заедничка работа со родителите и соработка со стручните лица во училиштата, но сето ова мислам дека во најголем дел функционира.

Кој е Вашиот совет до родителите, како да му помогнат на детето полесно да ги изрази своите мисли и емоции при пишување? Дали се препорачуваат некои диктати во домашни услови, почесто читање или можеби некоја друга активност надвор од образовниот процес?

Препорачувам читање приказни од страна на родителите пред спиење и во текот на денот. Тивка и релаксирачка семејна атмосфера, како и разговор на многу теми. Се препорачуваат и заеднички прошетки. Да напоменам дека корисно е и тоа што има многу голем избор на дидактички материјал во книжарниците, како сложувалки, боенки и слично. Активности кои би можеле да бидат од полза се и редењето ситни коцки и нижењето ситни форми.

 

Фото: Илустрација / Freepik

Вања Мицевска