Европската унија не е во можност директно да им донира вакцини против коронавирус на сиромашните земји, истакна денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Голем е притисокот на земјите членки да набават вакцини за себе“ – истакнала фон дер Лајен за германската медиумска група „Функе“.
Шефицата на ЕК сепак ја нагласила финансиската поддршка на ЕУ преку механизмот КОВАКС и дека СЗО прави напори да им овозможи пристап до вакцини на посиромашните земји.
„ЕУ во механизмот вложи 2,2 милијарди евра. КОВАКС веќе испорача 30 милиони дози во 52 земји“ – рекла фон дер Лајен, истакнувајќи дека сепак механизмот што ќе им овозможува на земјите членки директно да ги делат вакцините со другите земји нема да почне „додека не се подобри производствениот процес во ЕУ“.
Фон дер Лајен инаку во пролетта 2020 година гласно се залагаше за обезбедување вакцини за луѓето ширум светот, меѓутоа според „ДПА“, најголемите дози се поделени низ богатите земји.
Извор: Н1