Лидс конечно победи во Лондон, Рафиња ја отежна ситуацијата на Фулам – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/21 12:10 AM

Лидс конечно победи во Лондон, Рафиња ја отежна ситуацијата на Фулам

Шеснаесет натпревари му требаа на Лидс Јунајтед за да оствари победа во англиската престолнина. На последните 16 дуели во Лондон, екипата од Јоркшир има забележано само два нерешени резултати и дури 14 порази. Последната победа на новолигашот во главниот град била во 2017 година против КПР.

Патрик Бамфорд и Рафиња вечерва ја прекинаа „црната серија“. Одличната партија на фантастичниот двоец на Лидс сезонава, проследена со сигурните интервенции на Илан Мељие на голот, му донесоа долгопосакувана победа на тимот предводен од Марсело Биелса и го зацврстија на средината на табелата во Премиер Лигата.

„Friday Bamford“ по двата поништени погодоци на Ајлинг и Рафиња, во 29-тата минута го отвори резултатот, а десет минути подоцна по додавањето на Локман, Андерсен изедначи на 1:1. Лидс рационално ги искористи своите шанси и во 58-та минута бразилскиот интернационалец Рафиња го врати водството на својот тим. Интересно е што брзоногиот напаѓач е првиот фудбалер на Лидс кој креирал повеќе од 50 шанси во Премиер Лигата (дури четири против Фулам).

Другиот куриозитет поврзан со Патрик Бамфрод гласи: Бамфорд има постигнато 13 погодоци на 16 натпревари кои се одиграле во петок , вклучувајќи го хет-трикот против Астон Вила од почетокот на сезоната. Едноставно, потенцијалниот напаѓач на Англија обожава петоци.

 

 

 

Фото:

goal.com