Германија ја обновува вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека по препораките на европските регулатори дека придобивките од оваа вакцина ги надминуваат ризиците. Германските власти соопштија дека два големи центри кои ја нудат вакцината на АстраЗенека во Берлин денес повторно ќе бидат отворени, а луѓето чии термини за вакцинација биле откажани ќе може да ја добијат вакцината во текот на викендот – пренесува агенцијата АП.
Прекинувањето на вакцинацијата со споменатата вакцина ја забави германската кампања за вакцинација. Во земјата досега беа распределени околу 10 милиони дози, при што 8,4 проценти од населението добија најмалку една доза, а 3,7 проценти ги добија и двете дози.
Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера соопшти дека вакцината е безбедна, но и дека не може дефинитивно да ја отфрли нејзината врска со малиот број случаи на појава на згрутчување на кртва. Со таквиот потег на ЕМА, повеќе од десет европски држави повторно почнаа да ја користат вакцината на АстраЗенека иако претходно прекинаа со нејзината употреба.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и лекови на Индонезија ја одобри употребата на вакцината на АстраЗенека против ковид-19, откако ги разгледа извештаите за тоа дека вакцината довела до згрутчување на крвта кај некои од вакцинираните во Европа. Агенцијата во соопштението наведе дека иако вакцинацијата може да доведе до несакани ефекти, ризикот од смрт од ковид-19 е многу поголем – пренесува агенцијата Ројтерс.
Од Агенцијата сепак предупредија дека луѓето со тромбоцити во крвта не би требало да ја примат вакцината на АстраЗенека.
Извор: blic.rs