Заедничка трилатерална обука на специјалните сили на Македонија, САД и домаќинот Грција – ММС
ММС

Објавено на: 03/19/21 10:36 AM

Заедничка трилатерална обука на специјалните сили на Македонија, САД и домаќинот Грција

Силите за специјални операции на Северна Македонија, САД и домаќинот Грција, од вторникот започнаа заедничка обука за падобранство и скокови од воздухоплови во областа Атика и во Лариса, во рамките на планот и координацијата на Интердисциплинарната команда за специјални операции на Генералштабот на грчката армија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Генералштабот на грчката армија соопштуваат дека „конкретната ко-обука е во рамките на меѓународните соработки на грчките вооружени сили со пријателски и сојузнички земји” и во рамките на планираните соработки, кои „темелно и континуирано се спроведуваа во последниот временски период, врз основа на целокупниот план на Генералштабот”.

– Целта е да се надгради нивото на соработка, на разбирање и на размена на техничко знаење меѓу силите учеснички, како и дополнително зголемување на оперативните способности и интероперабилноста на силите за специјални операции во сојузничка рамка, пишува во соопштението за заедничката обука.

Од Грција учествуваат припадници на Интердисциплинарната команда за специјални операции, два хеликоптера на военото воздухопловство на армијата и еден авион на воздухопловните сили, од САД припадниците на 10th Special Forces Group, а од Македонија припадници на специјалните сили.