1.200 деца и 4.000 возрасни од Шуто Оризари, се оставени без основна здравствена заштита сред пандемија – ММС
ММС

Објавено на: 03/19/21 10:28 AM

1.200 деца и 4.000 возрасни од Шуто Оризари, се оставени без основна здравствена заштита сред пандемија

Граѓанските организации кои, од прогласувањето на пандемијата, секојдневно директно соработуваат и помагаат на жителите во Општина Шуто Оризари сериозно се загрижени за недостатокот на основна здравствена заштита за 4.000 возрасни и 1.200 деца во оваа општина. Тие повторно упатуваат барања до Министерството за здравство, Министерот Венко Филипче и Фондот за здравствено осигурување за спроведување на итна постапка за назначување на нови матични лекари во општината Шуто Оризари кои ќе овозможат примарна здравствена заштита на сите граѓани кои, поради заминувањето во пензија на двајца матични лекари, немаат матичен лекар речиси 2 месеци. Во барањата стои и итната потреба за назначување на лекар педијатар за потребите од примарна здравствена заштита на најмалку 1.200 деца, кои се оставени без основна здравствена грижа поради заминување во пензија на лекарката која ја изведувала оваа дејност, како и итно доставување на обрасци за Избран лекар до постојните матични лекари кои работат во општината, а со цел да се обезбеди запишување на дел од овие 4.000 граѓани кои немаат основна здравствена заштита. Помеѓу барањата испратени до ресорното министертсво и барањето за обезбедување на минимум услови за соодветно функционирање на поликлиниката Шуто Оризари со итно назначување на раководно лице кое ќе го организира работењето на поликлиниката во согласност со потребите на граѓаните.

Граѓанските организации апелираат до надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари и бараат итно да ја обезбедат нивната здравствена заштита особено во екот на третиот бран од ширење на заразата со Ковид-19, која е со животно-загрозувачки последици за граѓаните кои немаат соодветна здравствена заштита.

Тие потсетуваат дека граѓаните од општина Шуто Оризари, уште во 2020 година алармираа за проблемите и предизвиците со кои се соочуваа во пристапот до здравствена заштита. Имено, по неколкуте заминувања на матични лекари во 2020 година, проблемот е продлабочен на почетокот на 2021 година по пензионирањето на двајца матични лекари кои обезбедуваа примарна здравствена заштита за скоро 4.000 возрасни лица, и лекарка која се грижела за здравјето на 1.200 деца. Оваа состојба овозможува само мал број граѓани од Општина Шуто Оризари да се регистрираат кај постојните матични лекари во Шуто Оризари. На останатите им е оневозможено основното право на здравствена заштита бидејќи:

– Постојните матични лекари го исполниле лимитот на пациенти поради што можат да прифатат само ограничен број нови пациенти и не се во можност да обезбедуваат здравствена грижа со соодветен квалитет за поголем број на граѓани;

– По заминувањето во пензија на единствената лекарка која обезбедувала здравствена заштита за деца, само 250 деца се регистрирани во поликлиниката Интергин, додека останатите, остануваат без правото на основна здравствена заштита;

– Подолг временски период, матичните лекари не добиваат обрасци за Избран лекар бидејќи Фондот за здравствено осигурување не ги доставува поради што, и оние малку граѓани за кои постојните матични лекари биле подготвени да ги регистрираат, ја немаат можноста без образец за избран лекар;

– Дежурната служба во поликлиниката Шуто Оризари има недостиг на лекари поради што, оваа служба во време на викендите, функционира променливо, односно, некогаш има дежурна служба, но многу често дежурната амбуланта, не работи. Дополнително не’ загрижува што во претстојниот период во пензија ќе заминат и други лекари кои овозможуваат здравствена заштита во општина Шуто Оризари, а на целата територија на општината по 17 часот, освен еден лекар и две медицински сестри во ПЗУ Интергин нема друг медицински персонал.

Во соопштението испратено до медиумите тие велат дека состојбата во општина Шуто Оризари, среде пандемија, каде секојдневно се бележат случаи на болни деца и возрасни кои се одбивани и не им се укажува неопходната здравствена грижа за жал ќе констатираме дека не се оставруваат основните човекови права. Овие граѓани во случај на зараза со Ковид-19 немаат пристап ниту до услугите од матичните лекари во упатувањето и следењето на лицата заболени од Ковид-19 во домашни услови во ек на пандемијата.