Саутгејт: Александер-Арнолд е изоставен бидејќи не игра на нивото на кое играше претходно – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 7:09 PM

Саутгејт: Александер-Арнолд е изоставен бидејќи не игра на нивото на кое играше претходно

Интернационалната пауза и претстојните квалификации за Светското првенство во Катар повторно се на радарот на фудбалската јавност и повторно создаваат „главоболки“ на предводниците на репрезентациите.

Селекторот на англиската репрезентација, веројатно и позицијата со најголем притисок во последните три децении, Герет Саутгејт, денес го објави списокот на играчи со кои ќе ги стартуват квалификациите против Полска, Албанија и Сан Марино. На списокот се најдоа вообичаено познати имиња, но и неколку изненадувања.

Едно од нив е изоставувањето на десниот бек на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд. Место помеѓу 26-те фудбалери на широкиот список на „Гордиот Албион“ за Арнолд немаше, а Герет Саутгејт пред медиумите аргументирано ја оправда својата одлука.

Големиот квалитет на одредени позиции, во случајот десната бековска (Ван Бисака, Џејмс, Трипие), како и послабата форма на Арнолд во однос на претходните сезони, претставуваат силна причина за оваа селекција.

-Постојат некои позиции каде што имаме неверојатна компетитивност за нив. Трент немаше среќа. Мислам дека тој не игра на ниво на кое играше претходно, но забележувам дека полека се враќа. Последните неколку седмици се движи во вистинска дирекција, изјави Саутгејт.

Оли Воткинс од Астон Вила, Џуд Белингем од Борусија Дортмунд и Џеси Линград од Вест Хем, можеби и неочекувано ќе го носат англискиот дрес во следните два меча од квалификациите.

 

 

 

Фото:

gettyimages.com