Камчев бара да не сведочи за „Меѓународен сојуз“: Одбив соработка, па го оформија предметот „Рекет“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 2:15 PM

Камчев бара да не сведочи за „Меѓународен сојуз“: Одбив соработка, па го оформија предметот „Рекет“

Бизнисменот Орце Камчев на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ побара да биде изземен како сведок. Тој обвини дека во државава грубо се кршат законите, со што како што посочи, се нарушува неговиот кредибилитет. Сепак, тој беше опоменат дека е повикан како сведок во конкретниот предмет и дека не треба да меша други случаи.

На денешното рочиште Камчев истакна дека за невладината на Јовановски, Меѓународен сојуз дознал во август или септември во 2018-та година.

„Ми беа понудени два проекта за инвестирање, еден за старечки дом и еден за фешн мол. Договорите ми беа понудени од лица кои во моментот не се присутни во судницата, Зоран Милевски Кичеец, Катица Јанева и нејзиниот син. Ми беше презентиран бизнис план за шопинг центар на локација во општина Карпош, ми беше кажано дека преку телевизија ќе се бараат спонзори и брендови. Не го прифатив, затоа што немав економски бенефит“, истакна Камчев.

„Вториот договор беше за старечки дом, изготвен беше елаборат за лица носени од странство. Бојан бараше локација во општина Карпош и јас имав една моја локација. Не го потпишав договорот, не дека затоа што беше спорен капацитетот, туку локацијата имаше многу спорни моменти. Бројките не покажуваа профитабилна стапка“, додаде Камчев. Тој потенцираше дека договорот според него, бил прескап и неисплатлив, но кога ја одбил соработката со невладината бил оформен предметот „Рекет“.

Камчев сепак е дециден дека не поседува ниту една компанија, односно ниту една акција. Тој додаде и дека кога му бил понуден договорот за старечкиот дом, му било кажано дека МТСП ќе помогне при изградбата. Сведокот кажа и дека самиот му понудил договор на Бојан Јовановски од 300 илјади евра. Оваа сума всушност ја исплатил преку две фактури од по 150.000 евра – едната од ОК Медиа, а другата од Систина. Овие пари и биле исплатени на сега веќе згаснатата 1 ТВ за рекет.

„Во Македонија нема телевиизја која земала 150.000 евра од еден договор и тоа без минута рекламирање во прајмтајм“, додаде Камчев.

Инаку, тој денеска во Кривичниот суд беше спроведен од затворот „Шутка“ каде е во притвор за плацевите на Никола Груевски на Водно.