МОН го повлече учебникот по географија за втора година Гимназија – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/21 12:40 PM

МОН го повлече учебникот по географија за втора година Гимназија

Заменик-министерот за образование Арафат Шабани денеска информираше дека  дека е повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование.

“Министерката Мила Царовска го потпиша решението на Комисијата со кое спорниот учебник се повлекува од настава. Решението се донесе откако Комисијата утврди дека учебникот е преоптоварен со статистички податоци кои не одговараат за дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Во учебникот имаше и содржини со кои се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование“, истакна заменик-министерот Шабани на прес конференцијата во МОН.

По повлекувањето на учебникот кој бил одобрен по наставна програма од 2002 година, Министерството ќе испрати дидактички материјали до наставниците со цел учениците да имаат од што да учат до крајот на оваа учебна година.

“Во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени. Новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците“, додаде тој.

Запрашан дали е запознат со случајот со плагијатот кој го направиле професори на универзитетот во Тетово, Шабани рече дека дознал од медиумите и дека случајот не е нивна надлежност.

“Инспекторатот за образование е надлежен за тоа и реагира по поднесена претставка. По поднесувањето на претставката, Инспекторатот треба да направи вонреден надзор и да утврди дали имало прекршок“, рече Шабани.

 

Орце Костов