(ВИДЕО) Тиаго Силва „лудуваше“ на трибина, Челзи рутински против Атлетико за пласман во 1/4 финалето од ЛШ – ММС
ММС

Објавено на: 03/17/21 11:48 PM

(ВИДЕО) Тиаго Силва „лудуваше“ на трибина, Челзи рутински против Атлетико за пласман во 1/4 финалето од ЛШ

Организирано, тактички дисциплинирано и ефективно. Така изгледаше Челзи на Томас Тухел на вечерашниот реванш од Лигата на Шампионите против Атлетико Мадрид, а рака на срце, така изгледа Челзи во континуитет по доаѓањето на „Стемфорд Бриџ“ на германскиот стратег.

Гостите од Мадрид во пристапот периодично оставаа подобар впечаток одошто на првиот натпревар во Букурешт. Сепак, „излетите“ на тој дел од теренот не беа валоризирани, а секој обид за посериозна закана беше осуетен од одличната задна линија на „сините“.

По воведниот петминутен притисок, екипата од западен Лондон ја презеде иницијативата и топката во свои нозе. Смислената контра во 34-тата минута која започна од Каи Хаверц, после додавањето на Тимо Вернер, резултираше со постигнување погодок. Хаким Зијеш се запиша во листата на стрелците и од непосредна близина го совлада еден од најдобрите голмани во светот.

Второто полувреме, истата приказна. Некогашните освојувачи на ова натпреварување сигурно и со додавања „нога до нога“ го чуваа стекнатото водство од двата меча и трпеливо ја чекаа својата прилика. Двобојот практично беше решен во 82-та минута. Стефан Савиќ прекинот го искористи за „лактање“ со Антонио Рудигер, наместо обезбедување подобра позиција од која ќе може да да се загрози голот на Едуар Менди. „Насилниот акт“ беше окарактеризиран како акт и фаул за црвен картон. Даниеле Орсато во ниту еден момент не се двоумеше и го испрати Црногорецот прерано на „туширање“.

Во третата минута од судиското надополнување, Тухел ги стави во игра Емерсон и Чилвел, а една минута по стапнувањето на терен Бразилецот со италијански пасош го оконча резултат по брзата полу-контра на Пулишиќ.

Хајлајт на натпреварот, покрај врвната индивидуална партија на Канте? Славјето на повредениот капитен на Челзи, Тиаго Силва и неговите колеги Мејсон Маунт и Жоргињо на трибините. Поради повреда и суспензии троецот мораше да отсуствува од првата постава вечерва, но „врелата бразилска крва“ не му дозволи на поранешниот играч на ПСЖ да седи на столче и да го проследи доминантното издание на неговиот тим.

 

Цели осум години му требаа на Челзи да се врати во Лигата на Шампионите и да влезе во друштвото на осумте најдобри, а веќе во петок на ждребот ќе го дознае противникот од 1/4 финалето од ова елитно натпреварување.