Да сакам, да бидам сакана и да верувам дека ќе помине и ќе биде добро – Со Розита Андонова за психолошката помош за време на пандемијата – ММС
ММС

Објавено на: 03/19/21 11:15 AM

Да сакам, да бидам сакана и да верувам дека ќе помине и ќе биде добро – Со Розита Андонова за психолошката помош за време на пандемијата

Дека намалената социјална интеракција за заштита од коронавирусот ќе се одрази врз менталното здравје, е нешто на што психолозите укажаа уште на почетокот на пандемијата. Стресот, анскиозноста па дури и депресијата почнаа да земаат замав со ширењето на заразата и создавањето „ново нормално“. Движењето на граѓаните во земјава дополнително е ограничено со неодамнешното враќање на полицискиот час, па токму влијанието на оваа повторна рестрикција е тема на разговорот за ММС со Розита Андонова, дипломиран психолог и психодрама психотерапевт под супервизија.                        

-Оваа ситуација ни донесе поголемо ниво на стрес на којшто сме изложени секојдневно. Во  едно неодамнешно поголемо истражување за менталното здравје на луѓето погодени од пандемијата со Ковид-19, стапката на трауматски стрес била на највисоко ниво, па следи депресија, анксиозност и несоница. Овие податоци делуваат вознемирувачки, но треба да се земат предвид и искуствата и истражувањата од претходни епидемии кои укажуваат на јасни врски помеѓу вознемиреност поврзана со пандемија и зголемени симптоми на стрес, анксиозност, опсесивно компулсивно растројство (најчесто со наметливи, несакани мисли за контаминација), здравствена анксиозност (хипохондрија), посттрауматски стрес, употреба на алкохол, дрога или таблети и самоубиство. Тоа што со сето ова за првпат се соочивме минатата година не не` направи имуни во поглед на менталното здравје,  иако имаше бројни написи со препораки како да се справуваме со новонастанатите ситуации. Неизвесноста околу пандемијата е очигледна. Секој од нас на различен начин e засегнат од пандемијата и на различен начин го дожива сето тоа.

Вие бевте дел од психолозите кои решија волонтерски преку телефонски разговори да им помогнат на заболените од Ковид-19. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу ова искуство, на што највеќе се жалеа граѓаните и колку беа отворени за да добијат помош од стручната фела?

-Да, уште од самиот почеток на пандемијата се пријавив да волонтирам за прва психолошка помош и поддршка за сите оние кои на некој начин се чувствуваат засегнати од Ковид-19. На почетокот имаше објави за оваа акција и споделувања на социјалните мрежи, па луѓето во поголем број се јавуваа или пишуваа на месинџер. Во декември 2020 година се одржа психолошката акција Денови на психологијата, на којашто се одзваа голем број психолози меѓу кои бев и јас. Поголемиот дел од работилниците се одржаа онлајн и ми се чини дека повеќето работилници обработуваа теми  поврзани со Ковид- 19 и менталното здравје.  Оваа акција беше од голема корист, затоа што имаше едукативни предавања и работилници кои на учесниците им дадоа насоки како да се справат со актуелните проблеми. Се намали бројот на повиците и пораките за овој вид на психолошка помош, но јавувањата не престанаа за да се закаже термин лице во лице. Како што расте бројот на заразени, така расте и бројот на оние кои бараат психолошка помош. Вирусот не го засегна само телесното здравје, туку во голема мера го засегна и менталното здравје.

Според Вас, каква е потребата за психолошка поддршка кај здравствените работници, кои се на првата линија на борбата против коронавирусот, па неминовно сведочат и за смртните случаи? Какви последици би можело да остави ова кај нив и колку време би одзело тоа опоравување, дали може тоа да се одрази на долг рок ?

-Лицата кои се занимаваат со помагачка професија се најподложни на професионално согорување или “burn out“. Психолошката помош и поддршка е повеќе од потребна кај здравствените работници. Засегнати се сите кои работат во здравството, но најмногу е целокупниот персонал на првата линија на борбата со ковид-19.

Секојдневно расте бројот на заболени и починати, болничките капацитети се преполни, се зголемува обемот на работа а работата се врши во претешки услови. Облечени по протокол, без паузи, со прекувремени работни часови даваат се од себе да помогнат, да спасат живот. На многумина помагаат, но за жал и самите се соочуваат со немоќта пред непредвидливиот и опасен  вирус и сите последици кои тој ги носи а тоа понекогаш значи и губење на човечки животи. И тие се луѓе од крв и месо, со мисли и чувства. И тие имаат приватен живот и семејства. И на нив им треба поддршка и разбирање. Колку е можно сега да направат барем мала пауза од професионалната улога, колку можат да се грижат за себе си и колку сите ние се грижиме за нив? Работата во вакви услови секако дека ќе го забрза процесот на професионално согорување и ќе го засегне и менталното здравје што може да се манифестира како иритабилност, анксиозност и недостаток на ентузијазам.

Во меѓувреме, наставата и понатаму се одвива онлајн, па оттука прашањето е како намалената социјална интеракција може да влијае врз детската психа ? Како родителите да им објаснат на децата дека мора да се ограничат за да се заштитат и дали како психолог во последнава година сте работеле на некои сеанси од ваков карактер ?

-Ситуацијата со пандемијата влијае на сите, па и на децата. Децата кои следат настава со физичко присуство имаат протокол кој мора да го почитуваат. Други следат настава онлајн,  некои од нив немаат контакт со нивните баба и дедо или пак некој близок од ризична група, некои имаат родител што работи со заболени од Ковид-19, некои се заразиле со вирусот или нивни блиски се заразиле, некои имаат некаква загуба. Родителите треба да разговараат отворено со децата, секако прилагодено според возраста на детето. Да го заштитат од премногу информации, да му направат структура на денот и најважно да бидат тука за него и да му ги пружат потребното внимание, љубов и сигурност, ако е загрижено да го смират и утешат. Физичката дистанца не мора да биде и социјална дистанца. Речиси сите користиме модерна технологија и интернет, така што на тој начин можеме да останеме во контакт со блиските луѓе дури и кога сме физички раздалечени.

Поврзано со состојбава не сум имала сеанси со помали деца. Ми се имаат обратено родители кои побарале  совет за конкретен проблем поврзан  со Ковид-19.  Имав и имам закажани сеанси со адолесценти кои на било кој начин биле засегнати од пандемијава. Исто така, голем број адолесценти ми се имаат обратено на месинџер или се јавуваат на телефон.

Како Вие лично се грижите за Вашето ментално здравје во ова време на пандемија? Дали Вашите блиски знаејќи ја Вашата професионална определба бараат некакви совети од Вас за да се справат со евентуалните негативни емоции предизвикани од пандемијата?

-Уште од самиот почеток на пандемијава ние дома си поразговаравме отворено и си осмисливме како ќе функционираме во новонастанатата ситуација и како би функционирале ако се заразиме со вирусот, што се покажа како многу корисно кога се заразивме. Прво јас и малата ќерка, а по нас сопругот, големата ќерка и мајка ми, која секојдневно е во контакт со нас, затоа што се грижи за малата ќерка додека сме на работа. Само син ми не се зарази, најверојатно затоа што не беше дома последните денови пред да ни се јават симптомите. Останавме дваесет дена затворени дома во самоизолација. Кој полесно, кој потешко сите се изборивме со вирусот. Син ми и блиски луѓе ни пазареа, ни носеа се’ што ни е потребно и ни ги завршуваа потребните работи. Ние дома отворено разговараме за се’, така што засега успешно се справуваме со предизвиците.

Кога започна се’ ова што ни се случува со пандемијава, освен што се пријавив да волонтирам за прва психолошка помош, следев голем број вебинари и онлајн работилници. Би ја спомнала онлајн групата за психолошка помош „од нас за нас психолозите“ во која секој од учесниците имаше можност да одржи работилница и да ја води групата. Имавме и дводневен вебинар за Прва психолошка помош во време на ковид-19 кој го водеше ЕМДР психотерапевтка од Италија, која несебично ги сподели искуствата и ни даде насоки како да ја пружаме овој вид на психолошка помош и поддршка.

И јас имам свој психотерапевт и си имав онлајн психотерапија. Имам свој супервизор и тренер со кои контактирав и приватно. Секоја среда се одржува онлајн работилница со жените, онколошки пациентки од здружението “Љубов сме“, па кога сум во можност се вклучувам како дел од групата, а понекогаш и како водач на групата. Кога бев позитивна на Ковид-19 и кога навистина ми беше тешко, енергијата на оваа група жени ми помогна да се справам со тежината на болеста. Ова е дел од грижата за себе и за моето ментално здравје, на кое би го додала и професионалното надоградување. Но, исто така не заборавам да правам работи кои ми годат, да поминувам време со најблиските, да се слушнам со луѓе кои што ми значат, да пешачам кога можам, да работам на себе, да читам книги, да сакам и да бидам сакана, да верувам дека сето ова ќе помине и дека се’ ќе биде добро.                     

 

Вања Мицевска