Вкупно 14 пунктови за откуп на вишокот тутун треба да бидат отворени денеска. На едниот од нив, во Црнилиште, ќе присуствува и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Како што изјави за МИА претседателот Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски, денеска ќе бидат отворени 10 пунктови на Тутунскиот комбинат Прилеп, три на „Секе” и еден на „Кавекс Балкан” во Неготино, а утре се очекува да профункционираат и вагите на„Сокотаб” и „Алијанса”.
-Откупот на вишокот треба да почне денеска. Ако сите фирми отворат, тутунот може да се преземе целосно. Но, за три дена не може со отворени десет ваги. Доколку се презема на 20 пункта со дневна динамика од по 100 тони, би требало да се откупи до 31 март како што е предвидено со законските измени, рече Стомнароски.
Министерот Хоџа завчера изјави дека со добра организација, за три дена можат да се откупат вишоците тутун кои изнесуваат околу 1.500 тони.
-Дневната динамика на откупот е околу 400 до 500 тони и поради тоа верувам дека за три дена може да се откупи вишокот. Работата е само да се воспостави добар систем. Убеден сум дека проблемот ќе го решиме и очекувам тоа да биде на најбезболен начин, со учество на сите откупувачи, рече Хоџа.
Според него, од реколтата 2020/21 договорени количини за откуп имаше 23.000 тони, но досега се преземени 25.300 што е околу два милиона килограми повеќе.
Откупот на договорените количини заврши со просечна цена од 165 денари, а сега, за вишокот, велат тутунарите, допрва ќе се види зависно од квалитетот на тоа што е останато.
МИА