„Уште да имаше силна завршница“ е најчестиот коментар за младиот напаѓач на Реал Мадрид помеѓу фан-базата на мадриѓаните. И тоа е точно. Единственото нешто кое храбри е возраста на Винициус Џуниор и можноста да го поправи тој сегмент во играта и да биде „следното големо нешто“ во кралскиот клуб.
Дваесетгодишниот Бразилец му создаваше главоболки на Гасперини во вечерашниот реванш дуел од 1/8 финалето во Лигата на Шампионите. Честите пробиви по левата страна и извлекување на задната линија на Италијанците, дриблинзите „еден на еден“, 90 отсто точноста во додавањата и изнудениот пенал по кој Серхио Рамос го оконча пласманот на Реал помеѓу осумте најдобри, дадоа одговор на фудбалската јавност на прашањето „зошто Реал плати повеќе од 40 милиони евра за 17-годишник од Бразил“.
Vinícius Júnior needs to work on his end product — He should be bettering his current goal contribution of 4 goals and 4 assists in all competitions this season. #RMAATA #UCL pic.twitter.com/Enlt5cRQkd
— . (@UtdXCII) March 16, 2021
Во 51-тата минута поранешниот играч на Фламенго од сопствената половина потегна контра-напад и експресно пристигна во шеснаесетникот на Аталанта, а таму – шоу. Серијата на дриблинзи на мал простор ги „извади од патики“ дефанзивците на екипата од Бергамо. Само лошата завршница не ја круниса магијата во нозете на Бразилецот во прекрасен погодок.
Следниот напад, левото крило на мадриѓаните се искупи за промашената шанса изнудувајќи удар од белата точка кој во сигурен гол за 2:0 го претвори капитенот Рамос. Претходно Бензема во 34-тата минута по асистенција на Модриќ го отвори резултатот. Колумбискиот репрезентативец Луис Муриел од слободен удар при крајот на натпреварот постигна почесен гол и го совлада вечерва расположениот Тибо Куртоа, но радоста на гостите не траеше долго бидејќи Марко Асенсио веќе во следниот напад го пронајде патот до мрежата на Спортиело за конечни Реал Мадрид три, Аталанта еден.
Фото:
therealchamps.com