Jaс се јавив на полициска службеничка со прекрасен глас, за да се пропуштат возилата на Деве Баир, изјави Заев – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/21 7:07 PM

Jaс се јавив на полициска службеничка со прекрасен глас, за да се пропуштат возилата на Деве Баир, изјави Заев

Владата реагираше со соопштение и го кажа тоа што е и нејзина и одлука  на Штабот, дека должност е на службениците да ги пропуштат сите граѓани кои со своите возила се затекнати надвор од државата и се враќаат за време на полицискиот час, рече денеска премиерот Зоран Заев во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека тој се јавил на Граничниот премин Деве Баир да бидат пропуштени пет возила во еден часот по полноќ, за време на полициски час.

-Вистината е дека, да, лично јас се јавив на полициска службеничка, прекрасен глас, Виолета ниту ја знам, заради тоа што овие возила веќе беа влезени на територијата на Република Северна Македонија и чекаа без право да мрднат, не им даваше никој заради тоа што влегле после 22 часот. Значи, нема дилеми полицијата и царината како и сите возила си проверуваат. Мене ми се обрати граѓанин, знам дека беше од турска националност, наш граѓанин, ниту знам името и презимето, ниту знам кој е, но знам дека имаше дечиња во автомобилот. Уште  еднаш се консултирав вечерта, после полноќ беше тоа, јас сум достапен за сите граѓани. Јас се консултирав вечерта дали имаме таква мерка, зошто е тоа забрането – ми кажаа, се повикаа токму на таа мерка која секако Штабот уште еднаш ја реафирмира за да нема дилема дали тоа важело само на првиот ден, 10-ти кои се затекнале или мерката важи додека трае полицискиот час, објасни Заев попладнево на прес-конференција.

Тој потсети дека мерката е објавена од страна на Владата. Трае од 22 до 5 часот наутро.

-Ако се затекне наш граѓанин како се враќа во државата назад да му биде тоа одобрено. Впрочем тоа беше и попрецизирано на аеродромите со авионската карта ако заминувате или ако се враќате, тоа е дефактички и пропусница. Но, немаше прецизирано дали и на граничните премини после 22 часот иако е јасна одлуката дека важи за сите наши граѓани коишто поминуваат или транзитираат низ државата да биде тоа овозможено. Културно се обратив, нормално службеничката забележала дека премиерот се јави, ниту имам прекршено некоја одредба, ниту сакам да се претставувам монарх, јас сум достапен човек, деца да чекаат до 5 часот сабајле кога мерката вика дека треба да бидат пропуштени навистина најмалку што сум можел да направам е да ѕвонам директно на полицискиот службеник, односно јас не ѕвонев на телефонот, ѕвонев на нашиот сограѓанин кој ме побара и го замолив ако има таму разбран полициски службеник да каже дека премиерот ѕвонел. Прво, немаше верување дека е премиерот, но после тоа секако постапија службениците, истакна Заев.

Според него, секој би го направил тоа.

-За деца се работи. Веројатно и не беше ни толку ладно да се чека до 5 часот сабајле, но зошто кога има мерка да бидат пропуштени граѓаните. Чесно постапив, не сум прекршил ништо, ако има нешто спорно нека проверат самите институции. Но рековме, да им бидеме слуги на граѓаните и треба да им служиме на граѓаните. Дечињата се наше богатство и секако верувам кој и да е тоа би го направил, рече премиерот Зоран Заев.