На една од најчитаните интернет страници за рекламирање во Македонија осамна оглас на кој лице нуди специфични услуги како што се чекање пред шалтери и тоа за само 500 денари.
“Чекам место вас во редица во Скопје, од 6 до 7,30 часот кога се отвораат шалтерите да ги предадете документите. Бидете меѓу првите да си ја завршите својата работа“, пишува во огласот во кој граѓанинот ја нуди услугата за 500 денари, но не е наведено дали се работи за еден час чекање или цела услуга чини толку пари.
Овој тренд почна лани во САД и Јапонија. Во Њујорк побогатите граѓани плаќаат 80 долари од час за некој друг да чека место нив ред за тестирање за Ковид-19, односно се бараат невработени лица да стојат во редот.
Во Јапонија, пак, Соџи Моримото (37) заработува огромна сума на пари, а не работи ништо. Овој човек дошол до идеја да се изнајмува самиот себе, да не работи ништо освен да јаде, пие и дава едноставни одговори и тоа по цена од 80 евра по ангажман!
Можеби наликува на глупост, но Моримото има илјадници клиенти и огромен број на следбеници на социјалните мрежи.
На почеток своите услуги ги нудел бесплатно, но сега ги наплаќа и има по неколку клиенти дневно. Досега имал повеќе од 3.000 клиенти.
Орце Костов