Примарна цел на „ковид пасошите“ е слободно движење внатре во Унијата, вели портпаролот на ЕК – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/21 2:06 PM

Примарна цел на „ковид пасошите“ е слободно движење внатре во Унијата, вели портпаролот на ЕК

Целта на дигиталните ковид сертификати познати како ковид пасоши е да се олесни слободното движење во рамки на Европската Унија – вака денеска одговори портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, на новинарско прашање дали ковид сертификатите за движење ќе применуваат и за земјите од Западен Балкан.

Виганд не одговори конкретно како и на кој начин сертификатите ќе ги опфатат и земјите од Западен Балкан, но вели дека законскиот предлог е се уште во подготовка и се уште се разговара.

Потенцираше дека ковид сертификатите нема да придонесат за нови рестрикции или забрани во движењата, туку со законскиот предлог кој се очекува неделава, примарна цел е слободното движење внатре во Европската Унија.

Европската комисија го претстави „Дигиталниот зелен пасош“ како можност за вакцинираните лица да патуваат и да се движат послободно.  Според Комисијата, сертификатот нема да содржи само податоци за статусот на вакцинацијата, туку ќе вклучува и поширока медицинска историја на една личност.

Сепак ваквиот ковид пасош предизвика загрижености реакции од јавноста, а отвори и низа прашања – кој би бил исклучен доколку се воведат сертификатите, кои се правните и етички параметри на неговата употреба, кои се законските последици бидејќи содржи лични податоци и сл.