Работењето на одделението за кардиологија во штипската Клиничка болница се нормализира Oд денеска лекарите и здравствените работници се враќаат на работа и почнуваат со работа и прием на пациенти. Пациентите од целиот источен регион сега нема да одат на Клиниката за кардиологија во Скопје.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека по тестирањето на вработените, кои седум дена беа во изолација, само еден вработен покажал дека е позитивен на коронавирусот, додека останатите имаат негативни тестови.
– Додека на одделот за Физикална терапија за пациентите во моментов се грижи општ лекар и медицинските сестри. Во текот на денешниот ден, или утре треба да потпишeме договор за да доаѓа специјалист од Скопје на одделението, кој двапати во неделата ќе доаѓа на ова одделение, вели Ѓеорѓијев.
Околу 40 здравствени работници од штипската Клиничка болница денеска ја примаат руската вакцина Спутник В во Скопје.
Во ковид – центарот хоспитализирани се вкупно 37 пациенти, од кои 33 на инфективниот оддел, а четворица на одделот за aнестезиологија. На кислориодна поддршка се 19 пациенти, а двајца пациенти на возраст од 68 години од Кочани и 79 години од Штип починаа во болнички услови.
МИА