Aлиоски и Лидс непоразени против Челзи на „Еланд Роуд“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/21 4:54 PM

Aлиоски и Лидс непоразени против Челзи на „Еланд Роуд“

По поразот од Вест Хем и топло-ладно серијата на екипата од Јоркшир, Лидс Јунајтед на Езѓан Алиоски повторно почна да освојува бодови. Овојпат против силен опонент во налет и одлична форма.

Лидс како ретко кога сезонава создаде многу мал број на прилики и шанси пред голот на Менди. Гостите од Лондон имаа иницијатива и офанзивната ориентираност на Марсело Биелса ја искористија одлично во однос на префрлање на топката во противничкиот шеснаесетник. А таму, реализацијата под секое ниво.

Во седмата минута Каи Хаверц ја имаше првата шанса на мечот. Германецот шутираше во денес сигурниот Мељие. Една минута потоа Тајлер Роберст ја протна топката во мрежата на Сенегалецот, но ВАР-системот го поништи исправно погодокот и резултатот остана ист. Воведните минути од дуелот навистина изобилуваа со возбудливи потези. Диего Љоренте за малку не го совлада сопствениот голман, а неколку мигови по несреќната пречка, Тејлор Робертс беше осуетен од Менди. Ударот на Робертс со помош на чуварот на мрежата на Челзи заврши во пречката.

Проблем за Лидс претставуваше и прераното излегување на Патрик Бамфорд од игра поради повредата на колкот при крајот на првите 45 минути.

Некогашниот фудбалер на Баер Леверкузен, на почетокот на второто полувреме продолжи во стариот добар манир. Непречен од никого и во „зицер“ ситуација, Хаверц со послабата десна нога реши да шутира во младиот француски голман.

Германскиот стратег на половината на второто полувреме тргна по сите три бодови, уфрлувајќи ги во игра Тимо Вернер и Рис Џејмс. Токму по тркот на екс-напаѓачот на Лајпциг, Џани Алиоски заработи жолт картон. Вернер тргна по десната страна, Алиоски доцнеше, а Кевин Френд не размислуваше двапати дали ќе го запише македонскиот репрезентативец во својата „книга“.

До крајот, Лидс се обидуваше преку контри да ја начне мрежата на Едуар Менди, додека пак Челзи преку Хадсон-Одои и честите „излети“ на Рудигер и Канте на половината на противникот, одеше на фактор-изненадување. Сепак, 0:0 и по еден поен недоволен за двете страни, особено за тимот од западен Лондон кој е во борба за Лигата на Шампионите.

Ако ништо друго, на гледачите им беше забавно и овој резултат без голови е дефинитивно најинтересниот сезонава во Премиер Лигата.

 

 

 

Фото:

Twitter / @PrvaLigaMK