Лекарската комора дава само мислење и го праќа извештајот до министерството за здравство, а истиот не влијание врз одлуките на страните во процесот да поведат постапки преку други државни органи. И, доколку комисијата константира пропусти во процедурата на стручно постапување на некој лекар, тоа не значи дека е утврдена лекарска грешка, рече претседателката на Лекарската комора на Македонија, д-р Калина Гривчева Старделова пред новинарите објаснувајќи ги ингеренциите на комората во врска со случајот на родилката од Дебар, Јилдз Веапоска на која при породување и биле отстранети три здрави органи.
“Со нас не е доктор Мухамед Асани, бидејќи неговото работење во Извршниот одбор во Лекарска комора е ставено во мирување додека не се расчисти случајот. Да објаснам што е тоа стручен надзор согласно Законот за здравствена заштита.
Надзор по потреба или вонреден надзор, лекарската комора врши на барање на пациент, член на семејство на пациент или државен орган.
Сакаме да потенцираме дека извештајот се прави според медицинските докази, ние не сме регулаторно тело, нашиот надзор е само мислење од колеги од струката. Комисијата во предвид зема што треба да се анализира и согледа па според тоа ги бира лекарите кои ќе вршат надзор. И доколку комисијата констатира пропусти во процедурата во тручното постапување, тоа не значи дека е утврдена лекарска грешка. Лекарска грешка утврдуваат судски вештаци кога целиот процес ќе отиде во судска процедура“, рече Старделова на прес-конференцијата на која покрај неа присуствуваа уште десетина лекари, но ниту еден од нив не сакаше да зборува за овој случај или да ги открие имињата на комисијата која правела вонреден стручен надзор.
Според ЛКМ, стручниот надзор согласно Законот за здравствена заштита го прави посебна Комисија и таа дејствува независно и самостојно.
“Комисијата ја констатира моменталната состојба врз основа на достапната медицинска документација. Комисијата нема надлежност да врши вештачење и реконструкција на настанот, тоа е во надлежност на други институции. Таа, при стручниот надзор утврдува дали се испочитувани правилата што претставуваат медицински стандард што мора да ги следи секој лекар за време на интервенцијата и како е реагирано во конкретен случај, при тоа земајќи предвид дека секој пациент има своја специфика. Извештајот исклучиво се доставува до министерот за здравство во чија надлежност е носење решение. Согласно горенаведеното би сакале да истакнеме дека ги поддржуваме надлежните институции во објективно и стручното постапување, согласно позитивните правни прописи и надлежности“, додадоа од Лекарска комора на Македонија.
Орце Костов