Шефот на Обединетите нации апелираше итно да се соберат 5,5 милијарди долари за да се спречи пропаста на 34 милиони луѓе во повеќе од 30 земји кои се на чекор до масовен глад поради војни, а шефот на Светската програма за храна предупреди дека 270 милиони луѓе во светот оваа година се соочуваат со „криза на глад“.
Антонио Гутереш на состанокот на Советот за безбеднст на Обединетите нации на високо ниво кој го организираа САД, изјави дека повеќе од 88 милиони луѓе страдале од акутен глад на крајот на ланската година поради судири и нестабилности, што е за 20 проценти повеќе во споредба со 2019 година. Проекциите за 2021 година пак, укажуваат на продолжување на ваквиот застрашувачки тренд.
Извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бисли изјави дека лидерите одговориле на неговото предупредувње до Советот за безбедност пред една година кога светот беше на раб на пандемијата со ковид-19, што би можело во изгладнетост да турне дури 270 милиони луѓе и да дојде до „глад од библиски размери“ во повеќе од триесет земји оваа година.
Она што беше загриженост во 2020 –та година, годинава е реалност поради новите бранови на ковид-19 и поради тоа што економиите се уште не се вратени во нормала – истакна Бисли.
Значи, морам повторно да предупредам дека одиме кон работ на една бездна. Сега 270 милиони луѓе се соочуваат со криза на глад – додаде тој.
И Гутереш и Бисли нагласија дека постоечката криза со глад е предизвикана генерално од судирите и затоа е можно тие да бидат спречени.
„Климатските шокови и пандемијата со ковид-19 само го разгоруваат тој пожар“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации.
Предупреди дека доколку веднаш нема акција, милиони луѓе ќе дојдат на работ на екстремен глад и смрт, укажувајќи на проекциите според кои, кризата се забрзува во Јемен и Авганистан. Во некои земји, според Гутереш, гладот веќе е тука и луѓето умираат од глад, односно доаѓаат до критична стапка на неухранетост.
Генералниот секретар ги повика членовите на Советот на безбедност да ја употребат својата „привилегирана положба“ за да направат се што е во нивна моќ да стават крај на насилството, да преговараат за мир и да го ублажат гладот од кој се погодени толку милиони луѓе ширум светот. Шефот на Обединетите нации изјави дека неговата порака до Советот за безбедност е едноставна: „Ако не ги храните луѓето, ги храните судирите“.
Извор: beta.rs