Штетата од пожарот во „Глобал” на сопствениците на тезги и продавниците е процената на над еден милион евра – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 3:09 PM

Штетата од пожарот во „Глобал” на сопствениците на тезги и продавниците е процената на над еден милион евра

Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при Општина Струмица денеска утврди дека вкупната штета од пожарот во Трговскиот центар „Глобал” на сопствениците на тезги и продавници изнесува вкупно 65.609.589 или над еден милион евра.

До Комисијата биле поднесени и прифатени вкупно 70 барања за проценка на штетата, од кои 20 се од физички и 50 од правни лица.

Во Извештајот на Комисијата се додава дека во пожарот се оштетени деловни простории, уништени или оштетени основни средства, како и трговска стока.

Извештајот утре треба да го разгледа Советот на општина Струмица, а Комисијата предлага на оштетените граѓани и деловни субјекти да им се даде помош во вид на непосредна парична помош или помош во намалување, односно ослободување од даночните обврски кои ги имаат кон владините институциите, како и обврските кон локалната самоуправа.

Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.

Од почетокот на овој месец почна со работа делот од Градскиот пазар, кој не беше опожарен, како и продавниците на сите спратови.