Тутунарите од петте новоформирани здруженија денеска два часа, од 12 до 14 часот, го блокираа патиот правец Прилеп – Плетвар на излезот од градот, барајќи, меѓу другото, побрзо да се откупи вишокот тутун по цени и класи како досега, а со новата реколта да нема увоз, но да има повисоки цени и количествата да бидат како ланските.
Според претседателот на здружението „Тутунска надеж” Николче Станкоски, треба што побрзо да се подели амбалажа за откуп.
-Апелирам до откупувачите и до Министерството што побрзо да се откупи вишокот тутун и тоа според класите што беа досега, одбитокот да биде 5 отсто и што побрзо да им се достави на тутунарите амбалажа за откуп. Апелирам до Владата, со оглед на тоа што се случи со откупната сезона, субвенцијата да изнесува по 90 денари за сите класи, плус парите што ги вети во петиот економски пакет мерки за вкупно по килограм да дојде до 100 денари. Според наша процена, вишок тутун за откуп има од 1800 до 2.000 тони, изјави Станкоски.
Координаторот на четирите новоформирани тутунски здруженија, Игор Мирчески ги изнесе барањата за новата реколта тутун во која главно треба да има повисоки цени, а произведените количества да бидат на нивото на ланските.
-Да се укине безусловно и во целост членот од Законот за тутун кој дозволува увоз на суров, необработен ситнолисен тутун, зголемување на цените по класи и изедначување во сите откупни фирми. Во правилникот за тутун бараме зголемување на произведените килограми по еден декар и да бидат по 220 килограми, наместо досегашните 185 килограми. Откупните фирми да не склучуваат договори на помали количества од ланските. не се согласуваме со Сојузот на земјоделски здруженија и со Асоцијацијата на земјоделци што нагласувата производство до 21.000 тони. македонија 10 до 15 години произведувала 25.000 до 26.000 тони и тоа производство мора да го задржиме, изјави Мирчески.
Тутунарите од петте новоформирани здруженија велат дека ќе истраат со барањата кои ќе ги достават до Министерството за земјоделство и Владата. Бараат да бидат вклучени во разговорите за новата реколта.