Никој од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ немал бугарски пасош, партијата го демантира списокот на Каракачанов – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 12:12 PM

Никој од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ немал бугарски пасош, партијата го демантира списокот на Каракачанов

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов утринава на својот профил на Фејсбук објави десетина имиња на повеќе лица од Македонија чии имиња соодвествуваат со имиња на истакнати македонски политичари и ги повика да гласаат на изборите во Бугарија.

“Над 120.000 граѓани на Република Северна Македонија во својство на бугарски граѓани ќе имаат право на глас на претстојните парламентарни избори“ вели тој во својата објава.

Деновиве тој ги истражувал вебсајтовите на бугарските општини и нашол многу интересни имиња на избирачките списоци кои се јавни и секоја општина е обврзана со закон да ги рекламира физички и преку интернет.

“Сите луѓе од Македонија, кои се стекнаа со бугарско државјанство врз основа на прогласено бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари. Меѓу случајните имиња на кои наидов, вели Каракачанов, се, на пример:

Александар Николоски, запишан во областа Средец – Софија,

Антонио Милошоски – запишан во областа Взраждане – Софија,

Никола Мицевски – запишан во Ќустендил,

Стефан Андоновски – запишан во Ќустендил,

Марија Андоновска – во Благоевград

Љупчо Димовски – во Ќустендил,

Бојан Стојановски – во Благоевград,

Иван Јорданов – во Ќустендил,

Игор Здравковски – во Ќустендил,

Марија Петрушевска – во Средец,

Дајанчо Ефтимов – во Благоевград,

Здравко Трајанов – во Благоевград,

Александар Пандов – во Средец,

Петар Богојески – во Обориште,

Филип Петровски – во Средец,

Стевица Јанева – во Петрич,

Тало ​​Груевски – во Благоевград.

 

“Има и многу други, но секој кој сака, може сам да провери како за себе, така и за секое друго лице кое живее каде било. Се разбира, секое совпаѓање на имињата со лица кои се на познати раководни политички и општествени позиции во Македонија, можеби е случајно. Ако не е случајно и тие луѓе се тие за кои мислам дека се, тогаш е надевам дека и ова е во ред. Сакам да верувам дека не е престап ако македонски политичар или негов близок ронина се декларира слободно како етнички Бугарин без да биде исмејуван за тоа. А, луѓето од списоците, не само цитираните, ги повикувам да гласаат за број 1, за вистинското ВМРО!„,објави Каракачанов и додаде дека “сите овие истакнати македонски Бугари, како и на другите 120.000 бугарски државјани во Македонија“ имаат право на бесплатна вакцинација против Ковид-19.

ВМРО-ДПМНЕ ја демантираше објавата на Каракачанов за бугарски пасош на партиски функционери. Според ВМРО-ДПМНЕ, денешната објава на Каракачанов е класична лажна вест.

“Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја, се додава во партиското соопштение.

Натаму ВМРО-ДПМНЕ наведува оти Владата постојано молчи на провокациите на Каракачанов, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија и „редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19-от век“.

– ВМРО-ДПМНЕ е единстевиот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги. Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов, наведува партијата.