Јас реков дека ќе одам до крај, рече Веапоска и ги зема примероците од органите за второ мислење – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 2:48 PM

Јас реков дека ќе одам до крај, рече Веапоска и ги зема примероците од органите за второ мислење

Јилдз Веапоска од Дебар утрово дојде на Институтот за патологија во Скопје за да земе примероци од трите органи, бубрегот, јајникот и матката, што и беа извадени при породување во болницата во Струга, односно парифинските калапи од извадните органи за дополнителни вештачања.  Според извештајот од Патологија, органите на Веапоска што и биле извадени се здрави, па сега, таа ќе ги носи во други институции за второ мислење, но и за утврдување на ДНК.


-Да, ги земав примероците од органите  и сега ќе ги носам на друго место, на второ мислење, за да се утврди ДНК, па потоа во странство. За носење на органите на судска медицина треба Јавното обвинителство да покрене постапка. Вештачењето чини некаде околу 2.000 евра и доколку  овој месец Јавно обвинителство не покрене постапка, тогаш со адвокатот сами ќе побараме.  Да сега ќе ги носиме органите на друго место, но нема да кажам каде. Сакам да ги споредат, сакам да имам второ мислење, а потоа и во странство. Јас реков дека нема да ја оставам вака работата, вештачење на органите и целата документација, вели Јилдз и додава:

-Денес е Светски ден на бубрегот и за жал и во 21 век мене ми вадат здрав бубрег и јас еве го шетам низ институциите во Скопје, рече таа.

Лекарската комора по стручниот надзор излезе со информација дека нема лекарска грешка, додека Патологија дека органите се здрави. Обидувајќи се да ги објасни контрадикторностите во извештаите заменик претседателот на ЛКМ, д-р Бесими за „Утрински брифинг“ рече:

-Ивештајот од Патологија, кој вика дека органите се здрави извадени, не може да ја утврди состојбата на пациентот, бидејки пациентот е жива особа , која се движи, си живее најнормален живот, со новата состојба.  Мора да се направи дистинкција мегу стручен наод, таму не бил инволвиран само д-р Асани, туку и други лекари. ЛКМ ги интервјуирала сите лекари, целиот медицински тим, кој бил инволвиран, но мора да се направи една битна дистинкција.  Стручниот надзор не е судско вештачење. Ние правиме стручен надзор во смисла на оценување на стручноста, односно уролошкиот дел го направил уролог, хируршкиот – хирург и гинеколошкиои – гинеколог. Ние како лекари би биле најсреќни во светот доколку би имале таква можност да ги превенираме компликациите. Тој што ќе го достигне тоа ќе биде најпознатиот лекар во цел свет. Појавувањето на компликации е проблем на светското здравје. Тука се прави некое погрешно толкување на факти и јавноста се доведува во заблуда, вели д-р Бесими.

На средбата со новинарите, пак, министерот за здравство, Венко Филипче запрашан зошто досега не е сменет директот на струшката болница д-р Асани, зошто имињата на членовите на комисијата за надзор во струшката болница се кријат и зошто сите се задржуваат на моментот дека „се е направено за да и се спаси животот“, а никаде не се споменува вистинската причина која довела до ваквата состојба, тој рече:

-Јас пред некој ден спомнав што беше напишано во стручниот извештај и не сакам да навлегувам во експертизата на колегите во делот на стручниот извештај. Меѓутоа не е само стручниот извештај, има и други наоди. Тоа е наодот на ДСЗИ, делот од тој наод е пратен во ЈО и ние во текот на следната  недела ќе ги разгледуваме сите наоди и ќе завземеме став. Извештајот, како и имињата на членовите не е тајна. Воопшто не е тајна целокупниот извештај, вклучувајки ги имињата на членовите на комисијата. Нема доверливот и класифициранот, јавен е тој документ.  Но, пак ке речам. Има и други механизми за контрола на стручната работа и од МЗ. Затоа реков ќе го разгледаме случајот и следната недела ќе излеземе со став, рече Филипче.

Весна Миленковска