Дискусија „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите” – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 9:35 AM

Дискусија „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите”

Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Разбистри сè” денеска организираат панел дискусијата „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?”.

На панел дискусијата, што ќе се одржи на платформата Зум, ќе се дискутира за применливоста на политиките за контрола при управувањето со шумите, предизвиците при вршење на инспекцискиот надзор и како да се подобри контролата при управувањето со шумите. Излагања ќе имаат претставници од ЈП „Национални шуми”, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем”.

Како што соопштија организаторите, нелегалната сеча го доведува во прашање одржливото управување со шумите.

Проценките се дека нелегалната сеча се движи околу 25-30 отсто од вкупно исечената дрвна маса. Според нив, надлежностите на шумската полиција и шумочуварите се преклопуваат, Инспекторатот за шумарство и ловство нема доволно инспектори што доведува до намалена ефективност, а учеството на изречени инспекциски мерки во однос на извршените надзори укажува на низок степен на казнивост (13 отсто).

Потребна е поголема соработка и координација меѓу повеќе државни органи, како и со судските органи коишто треба да ги процесираат казните во најбрз период.