Светската здравствена организација (СЗО) повика на помош за Екваторијална Гвинеја во која како последица на експлозијата што се случи на 7 март загинаа 98 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
На профилот на Твитер на Канцеларијата на СЗО во Африка е соопштено дека во тек се подготовките за хуманитарна помош на Екваторијална Гвинеја.
Во соопштението се повикуваат сите меѓународни хуманитарни организации да ги преземат потребните чекори за да им се пружи помош на повредените и на погоденото население.
Најмалку 98 лица починаа, додека 615 се повредени во експлозиите што на 7 март одекнаа во градот Бата, еден од најголемите градови на Екваторијална Гвинеја.
Министерот за здравство на Гвинеја, Салуд, на профилот на Твитер објави дека четири експлозии се случиле во касарната во квартот Мондонг Нкуантома.
Во експлозиите се срушени голем број станбени објекти, а голем број луѓе останаа под урнатините.
Претседателот Теодоро Обианг Нгуема, кој веќе 42 години се наоѓа на чело на државата, изјави дека до експлозијата дошло поради пропустот на одговорните единици во депоата за динамит и муниција.