Најдобрите промени се болни и тешки, ама неминовни и потребни: Со Ирена Цветковиќ за феминизмот како отпор кон нееднаквостите – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 7:41 PM

Најдобрите промени се болни и тешки, ама неминовни и потребни: Со Ирена Цветковиќ за феминизмот како отпор кон нееднаквостите

Теорија за политичка, економска и социјална еднаквост на мажите и жените; Верување дека мажите и жените треба да имаат еднакви права и можности; Доктрина за застапување на социјалните,  политичките и секакви други права за еднаквост на мажите и жените. Ова се само дел од објаснувањата за терминот „феминизам“ во комуникологијата. Сепак, во пракса феминизмот е стил на живеење, основа на која некои луѓе го градат својот светоглед. Една од нив е и Ирена Цветковиќ, извршна директорка на коалицијата Маргини и доктор од областа на родовите студии. Преку интервју за Македонски медиа сервис таа држи „предавање“ на оваа тема и зборува за тоа како самата гледа на феминизмот, како тој приднесува за унапредување на положбата на жените во општеството и каква е улогата на Меѓународниот ден на жената, кој годинава во Македонија беше одбележан преку барање правда за жртвите од „Јавна соба“.

Што за тебе претставува феминизмот?

-Феминизмот е моја лична идеолошка рамка низ која е изграден и се‘ уште се гради целокупниот сет од вредности, ставови и однесувања. Феминизмот за мене е верба во социјална, политичка и економска еднаквост на сите. Тоа е можност на жените да имаат глас и да ги сакаат своите тела и себеси, можност за мажите да се ослободат од наметнатите очекувања за успешност и сила, можност за оние на маргините да бидат уважени и препознаени. Феминизмот, особено после вториот бран е особено отворен за интерсекцијата со другите идентитети, како етикумот, расата, класата, сексуалноста.

Со други зборови, феминизмот за мене е идеолошка рамка која верува во политичкиот потенцијал на маргината, рамка која ги омоќува и поддржува оние идентитети и тела кои се презрени и отфрлени, рамка низ која ослободувањето е прв чекор кон еднаква дистрибуција на права и моќ.

Кој е впечатокот за свеста за феминизмот во македонското општество? Дали постои искривена слика во јавноста за феминизмот, им се лепат ли етикети на феминистите и феминистките?

-Македонското општество не е премногу различно од другите општества во оваа смисла. Феминизмот носи отпор во различни контексти затоа што тој претставува иницијатива за тектонски промени и дистурбција на целокупната општествена, политичка и културна хиерархија врз која е изграден светот на нееднаквоста во кој живееме. Луѓето се плашат од промени, затоа што и најдобрите промени се болни и тешки, ама неминовни и потребни. Во Македонија оваа слика е можеби повидлива заради тоа што феминизмот во мала земја како нашата има препознатливи лица со имиња и презимиња.

Знаеме за многу феминистки во нашето општество кои биле предмет на хајки и линчови на социјалните мрежи заради нивните политички ставови. Мотивот секогаш постои во потенцијалната прераспределба на моќта која ја заговараат феминстките. На пример, кога феминистките зборуваат критички за религијата, тогаш  верниците или верските лидери ги напаѓаат жените кои говорат со оружјето кое им е достапно во моменталниот систем- етикетирање како неморални, нечисти, хистерични, а со цел задржување на статус квото во кое тие ја имаат моќта над нас.

Одржувањето на статус квото одговара само на оние кои се привилегирани во таков систем и не очекувам дека ќе се откажат од својата „статусна фотеља“ без борба.

Каде почнува феминизмот? Дали е клучна комуникацијата во домот за потоа девојките и жените да се борат надвор за она што им припаѓа како право?

-Секако дека домот е прилично важно место во кое ги градиме основите на нашата личност. Феминизмот во домот не значи одржување предавања со своите деца, партнери, роднини. Тоа значи живеење во контекст кој еднакво се вреднуваат луѓето, живеење во контекст во кој татковците се грижливи родители, мајките меѓудругото се вреднувани како субјекти со глас и став, а децата го развиваат целокупниот потенцијал без стигма и дискриминација.

Овие контексти нужно не ги вклучуваат сите наредени позиции. Семејства се и еднородителските семејства, и семејствата без деца, и истополовите партнери. Сепак, овие вредности не треба да очекуваме да се градат само во семејството и домот. Ниту едно семејство не е ослободено комплетно од општествените мрежи и односи на моќ. Токму затоа потребно е изучување и промовирање на овие вредности и во образованието, и во културата, и низ медиумите.

Каква е улогата на образованието, дали воведувањето на сеопфатно сексуално воспитување ќе не однесе чекор напред на ова поле?

-Младите денес се свесни за потребата од сеопфатно сексуално образование (ССО), а тоа го покажаа и истражувањата пред почетокот на пилотирањето на овој тип на образование. Случајот со Јавна соба, но и кампањата СегаКажувам која ја покренавме пред неколку години ја донесоа темата на сексуално насилство и вознемирување во јавноста како никогаш досега. Иницијативата СегаКажувам предизвика стотина жени да споделат искуства на сексуално вознемирување од позиција на моќ. Најголем дел од споделените искуства на сексуално вознемирување се случувале во училиште, факултет односно во образовна установа.

Сеопфатното сексуално образование е најбезбеден начин на учење и стекнување знаења и вештини за телесноста, телесниот интегритет, сексуалноста од различни аспекти, сексуалното и репродуктивното здравје, но и за градење на ненасилни и толерантни ставови наспроти омраза и насилство. СегаКажувам токму тоа го покажа, дека ние не сме имале знаења, механизми и капацитети навреме да препознаеме кога некое однесување е вознемирување и како да се справиме со тој проблем. Затоа најголем дел од споделените приказни биле криени дотогаш.

Што мислите кому му одговара молкот во случаи на сексуално насилство и вознемирување? Се‘ што бара насилникот/вознемирувачот е набљудувачот и средината да не прават ништо. Тој повикува на раширената желба да не се гледа, да не се слуша и да не се зборува ништо. Да се молчи за сексуалноста на училиште, да се молчи за позитивните но и негативните аспекти на сексуалноста, за задоволството но и за ризиците оди во прилог само на злосторниците.

Колку одбележувањето на Осми март придонесува за зголемување на свеста за феминизмот, односно за она дека женските права се впрочем човекови права? Како всушност граѓанскиот активизам придонесува за зголемување на свеста по однос на ова прашање и каде почнува одговорноста на институциите?

-Одбележувањето на Осми Март е еден чекор во низата чекори кои се потребни за постигнување на еднаквост. Сепак, тој чекор е исклучително важен. Кај нас Осми март се чествува политички, со протести, маршови, акции, дебати. Секако, голем дел од работничките го празнуваат овој ден на свој начин, но јас не гледам никаков проблем во тоа. Нема 8 Март без силно феминистичко движење, независни и силни синдикати, јасна политичка и идеолошка позиционираност, еманципација, солидарност и емпатија. За тоа се потребни посветеност и оптимизам.

Вања Мицевска

 Фото: Жарко Чулич