„Вие сте нашите хероини“ гласи пораката на честитките кои членовите на Клубот на млади „Фокус“ денеска ги доделија на 84 медицински сестри и лекарки на Инфективното одделение и на Итна медицинска помош во Велес на Меѓународниот ден на жената. Тие, покрај честитките, им доделија и по едно признание во знак на благодарност за сè’ што сторија во изминатата година во борбата со коронавирусот.
-Причината за тоа што нашите родители, баби и дедовци, а исто така и ние сме здрави, сте вие, вашата заложба и натчовечки вложен напор во измината година. За ова сме ви неизмерно благодарни. Бидете и понатаму храбри и пред се’ здрави затоа што многу ни’ требате. А ние ќе ги почитуваме вашите препораки за да придонесеме за што помал број заразени членови на нашите семејства и помалку работа за вас – рече Игор Стојков, член на Клубот на млади.
Оваа искрена усна честитка предизвика солзи и прегратки од медицинските сестри и лекарки за младите сограѓани.
-Многу сме среќни и возбудени. После цела година борба со коронавирусот сме и изморени. Многу ви благодариме. Не ни очекувавме токму на овој ден да се сетите на нас, но ова е убаво чувство. Ви благодариме од име на целиот колектив и сите што сме вклучени во борбата со Ковид-19 – рече Снежана Бисинова, инфектолог на Инфективно одделение во велешката болница.
Благодарност изрази и Васе Пановска Поп-Стефанова, раководителка на Итната медицинска помош во Здравствениот дом, а до младите упати и препорака да ги почитуваат здравствените мерки и препораки.
Стефани Манева