Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач – РСБСП го честита денот на жената 8-ми Март – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 9:42 AM

Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач – РСБСП го честита денот на жената 8-ми Март

И покрај тоа што сеуште постојат одредени стереотипи за улогата на жената во општеството сепак евидентен е фактот дека жените денес се рамноправни  во сите сфери на општественото живеење.

Кога станува збор за сообраќајот, факт е дека жените денес се активни учесници во патниот сообраќај и тоа не само како пешаци и велосипедисти, туку и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи. Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50%.

Динамиката на живеење и секојдневните  и бројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден и во рамките на семејството ја наметнуваат потребата жените да бидат активни во сообраќајот и како возачи.

Учесниците во сообраќајот, особено возачите можеме да ги поделиме на безбедни и небезбедни, на совесни и несовесни и секоја поделба на возачите на женски и машки е несоодветна, и истата може да се прави само  за научни и статистички цели.

Иако можеби за многумина,  на прв поглед,  жените изгледаат не толку вешти возачи,   истражувањата покажуваат дека  жените се безбедни возачи. Истражувањата всушност покажуваат  дека брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот не е својствено за жените, дека жените помалку возат под дејство на алкохол, не поминуваат на црвено на семафор, не возат без возачка дозвола, жените повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и повеќе ги почитуваат пешаците и велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.

Согласно наведеното, ако почитувањето на сообраќајните правила и прописи е женско возење, ако почитувањето на ограничувањто на брзината е женско возење, ако почитувањето на пешаците е женско возење, ако дефанзивното возење е женско возење, тогаш ајде сите да возиме на  женски начин,  затоа што така е побезбедно и посигурно.

Статистиката покажува дека мажите трипати повеќе страдаат во сообраќајни незгоди од жените. Според Светската здравствена организација, околу  77% од сообраќајните незгоди со фатални последици се предизвикани од возачи мажи.

По повод денот на жената,  8-ми Март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со МВР  организира превентивно едукативни активности  со цел подигање на свеста  против стереотипите за жените како лоши возачи.  Согласно тоа, на  7 и 8 март во повеќе градови се организираат  акции за дистрибуција на цвеќе за жените возачи и дистрибуција на брендирани заштитни маски за лице, флаери, миризливи освежувачи за во автомобил и други едукативни материјали.

Активностите  се одвиваат под мотото: Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач!                        

ЧЕСТИТ  „8- ми МАРТ“     

# ВОЗИОДГОВОРНО!