Секоја дама е жена, но не секоја жена е дама- Со Игор Џамбазов за љубовта, животот и „8 Март“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/7/21 7:07 PM

Секоја дама е жена, но не секоја жена е дама- Со Игор Џамбазов за љубовта, животот и „8 Март“

„Слободна, модерна, независна, глава на семејството, оти мажите одамна не се тоа. И се разбира убава. И однадвор и одвнатре“, вака минатата година на овој ден  најдобриот шоумен Игор Џамбазов опиша како треба да изгледа современата жена, жената на 21 век. Ама тогаш зборуваше за сите жени, за разлика од овој „8 Март“ кога зборувавме за конкретна жена или „мојата Илина“, како што тој ја нарекува. Неговата дама тој вели дека поседува уште и „интелект, енергија, мотивација, сестраност, нескротлив дух и номад (ко мене), надворешна убавина и внатрешна перфекција, со сите мани и манички во кои вие жените си уживат“.  Тој за ММС откри детали од љубовта со Илина, за себе, но и за иднината за нив двајца. Најпрво, се разбира, да го испочитуваме денот.

Лани за „8 Март“ зборувавме општо за жените, но сега веќе имаме конкретна дама. Подготвуваш ли изненадување за празников? Што ќе купиш?


-Драга моја, за различни работи сме зборувале тогаш и сега. Лани за жени, оваа година за дами. Сите дами се жени, нели? Но, за жал, не баш сите жени се дами. Мојава дама е од оние посебните, специјалните. Инаку, за време на празникот ќе бидеме разделени неколку денови заради нејзините обврски. Таа во Охрид, јас во Дојран. Чист блуз. Така што, изненадувањето ќе го оставам за кога ќе се врати.

За ова време колку што сте заедно што си и подарувал и дали тоа било само со повод?

-Е па, не секогаш е потребен повод, за да го усреќиш тој што го сакаш, нели? Чекај да се сетам…да, и подарував повеќе работи, но тоа беа скромни подароци, на кои бев сигурен дека ќе им се израдува. Едно планинарско ранче, џиш-боја, а внатре нејзините омилени патики за качување во облик на козјо стапало. Им се израдува како мало детенце. А, пак, за роденденот, најслучајно што можеш да замислиш, туку-речи по телефон, со Кети од Икс-стор и дизајниравме обетки со мотив од седумте највисоки врвови на седумте континенти што Илина ги искачи. Е навистина им се израдува. Не знаеш. Потоа, таа и Кети почнаа да ги произведуваат, а ги понудија и на пазарот.

Што е она што го поседува Илина, што те привлече толку многу за да ја признаеш за своја девојка? Бидејќи, имало и други кои не стасале до јавноста, до овој статус..


– Уфф…ова ме прашуваш затоа што не знаеш, или затоа што сакаш читателите да дознаат? Извини, ама прашањето требаше да ти биде…има ли нешто на Илина што НЕ те привлекува? Не знам, навистина…еве…во неколку збора: интелект, енергија, мотивација, сестраност, нескротлив дух и номад (ко мене). Надворешна убавина и внатрешна перфекција. Со сите мани и манички во кои вие жените си уживате…

Во информациите што ги постираш скоро секој ден на социјалните мрежи се гледа промената во твоите очи, тоа сите го забележаа. Велат- се подмлади Игор покрај Илина. Ти пречи ли што промената кај тебе не ја гледаат во љубовта, туку во разликата во години?

-Е убаво што Игор се подмладел покрај Илина. Нема да биде убаво ако излезе дека Илина предвреме остарела покрај Игор…Хехехехеее…Што беше прашањето? А да…промената кај мене. Таа е малку од љубовта, никако од разликата во години… Е што сега, требаше да се вљубам во некоја од мојата генерација? Ама сепак, промените кај мене јас си ги започнав многу сериозно уште пред три години и скоро три месеци, кога за последен пат му кажав одлучно НЕ на алкохолот. Потоа дојдоа на ред и цигарите. Од најстрасен пушач, па бар ти ме знаеш, 2- 3 кутии на ден, завршив на неколку цигарчиња квалитетен тутун што си ги виткам со задоволство. Лани, во периодот пред да се појави Илина, јас пиев еден многу јак детокс напиток, со кој почнаа и промените во мојата исхрана, а најмногу за промената е заслужна физичката активност од секаков вид: пешачење, благо трчање, понекогаш теретана, сега почесто возење велосипед…и резултатите се видливи, тоа сите го потврдуваат…25 килограми за неполна година…без диети и измачувања…

Колку Илина го разбуди детето во тебе, колку те врати на природата?

-Детето во мене никогаш не ни било заспано за да треба било кој да го разбуди. Детето во мене ме одржа сиве овие години. Ама да, во право си до некаде…Илина ептен знае со тоа дете…А што се однесува до природата… На почетокот на нашата љубов напишав еден пост на мојот инстаграм профил кој гласеше: „Таа сака природа, а јас мразам општество. Сепак и двајцата ја познаваме Македонија како својот џеб, и уживаме во неа. Тоа е сепак најубавата земја на светот, нели?

 Се гледаш ли во иднина како сопруг, кој живее во Сретеново, сади бавча, одгледува зеленчук, прави слатко од смокви, и во слободно време ужива да ја гледа сопругата како искачува некој врв?

-Не……. Хахахахахаааа….Толку…Не се гледам…А ни таа право да ти кажам не се гледа во улога на посветена сопруга и домаќинка. Веќе ти кажав. Ние двајцата сме номади.

 

Порано кога ќе ти здосадеше одеше од едно на друго место, а сега кога си смирен, заљубен како шетањето да го сведе само на семејно дружење?

-Короната го сведе шетањето на семејно дружење, не јас…иако морам да ти признаам дека јас ќе бидам еден од ретките што короната ќе ја паметам по нешто најубаво што можеше да ми се случи…Се прашувам само што ќе се случи после оваа пандемија? Дали кога таа ќе заврши, ние конечно ќе ги симнеме маските?


Колку навистина те смени Илина? Колку до сега успеа да ги оттргне негативните навики кај тебе?


-Лошите навики се првото што беше на списокот за елиминација… Не сме ни свесни колку многу ги имаме затоа што станале дел од нашето секојдневие, и не ни пречат воопшто, во некои од нив дури и сме уживале со години…Едно знам…Менувајќи ги своите лоши навики, не се менуваме само ние самите. Го менуваме и светот. На подобро.

Дали Илина е таа што си ја барал цел живот? Дали ќе се случи прстен, па кога ќе го прогласиме короната за умрено, да се случи една свадба?

-Мојата Илина е само доказ дека човек никогаш не смее да се откаже од својата мисија да ја најде својата сродна душа. Дури и да престанате да ја барате, дури и да се откажете од помислата дека таа постои некаде на планетава, ќе се појави. Кога-тогаш.

Весна Миленковска