Османи: Во МНР воопшто не сме разговарале за Андреј Жерновски – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/21 2:04 PM

Османи: Во МНР воопшто не сме разговарале за Андреј Жерновски

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи не сакаше да го коментира процесот на избор на амбасадори во Вашингтон и Лондон, откако во јавноста протекоа имињата на Љубомир Фрчковски и Андреј Жерновски како главни кандидати да ги пополнат нашите дипломатски претставништва.

“Процедурата за именување на амбасадор од моментот на предлагање од министерот преку координација со Владата и претседателот на државата, па се доделување на агреман од државата во која се упатува е дискретен процес кој е во рамки на класифицирани информации. МНР никогаш се нема произнесено за било кој кандидат се до доделување на агреманите. Во ниту еден момент МНР не спомнало дека има таков кандидат, ниту сме потврдиле ниту сме демантирале. Додека не добиете официјална инфоромација од МНР, сметајте ги информациите за неофицијални. Не смееме да коментираме процес на именување на амбасадори, ова прашање ќе го сметам како неофицијално“, рече Османи и додаде дека и името на Андреј Жерновски е само медиумска шпекулација затоа што во Министерстовот за тоа прашање воопшто не било разговарано.

Во однос на празното амбасадорско место во Софија, Османи рече дека почнал да разговара со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски за да најдат најсоодветен кандидат за бугарската престолнина затоа што е од голема важност неговата улога во билатералните односи со Бугарија.

Орце Костов